Меџити: Раното откривање спасува животи, свеста за ракот на дојка треба да допре до секое семејство
Со едукативен настан во ООУ „Исмаил Ќемали“ денеска беше одбележан Розовиот октомври, меѓународниот месец за подигнување на свеста за ракот на дојка, при што беше нагласено значењето на раното откривање на болеста, здравствената едукација и редовните превентивни прегледи.

Како што соопштуваат од Општина Чаир, на настанот кој бил посветен на значењето на информирањето, подигнувањето на свеста и раното откривање на ракот на дојка, со посебен акцент на улогата на здравствената едукација и редовните превентивни прегледи во заштитата на здравјето, присуствувал градоначалникот на општина Чаир, Изет Меџити, наставници и ученици.
– Розовиот октомври е важен потсетник дека борбата против ракот на дојка бара свесност, солидарност и континуирано дејствување. Денеска, заедно со д-р Илир Исмаили, наставниците и учениците од училиштето „Исмаил Ќемали“, разговаравме за значењето на раното откривање и редовните превентивни прегледи. Како Општина Чаир, ќе продолжиме да поддржуваме иницијативи што ја промовираат здравствената едукација и ја подигнуваат свеста кај граѓаните. Нашата цел е оваа порака да допре до секое семејство, бидејќи раното откривање спасува животи – изјави Меџити, пренесуваат од локалната самоуправа .
Оттаму дополнуваат дека преку разговорот со присутните била пренесена пораката дека грижата за здравјето и континуираното информирање претставуваат заедничка одговорност на институциите и општеството.






