Рама: Оркестрираното насилство има поддршка од странски сили чија цел е да ја дестабилизираат Албанија и Европа

Оркестрирано насилство“ ги нарече албанскиот премиер Еди Рама протестите во Тирана, што до попладнево минуваат мирно. Но, жители на градот и дел од оние што беа на улица велат дека вообичаено протестот ескалира во попладневните часови кога се приклучуваат маскирани момчиња. Во градот, особено во центарот, се забележува силно полициско обезбедување.
Рама утрово повторно стави столчиња со повик за дијалог со студентите и сега веќе и со нивните професори, но повикот беше отфрлен. Пред неговата канцеларија се појавија професорите со студентите кои денеска беа помалубројни. Оттаму се упатија кон Министерството за образование каде по 14 часот очекуваа да им се приклучат поголем број колеги.

Сепак, дел од оние што ги поддржуваат протестите нагласуваат дека студентите на улиците не излегоа само за подобри услови за студирање и стандард, туку бараат и смена на премиерот Рама, кому му тече четвртиот мандат, и истовремно бараат заминување на опозицискиот лидер Сали Бериша.

Премиерот и лидер на владејачката Социјалистичка партија Рама, денеска имаше средба со претставници на банките во просториите на Банката на Албанија, на која, како што пренесуваат албанските медиуми, протестите ги опишал како „акција оркестрирана од внатрешни и надворешни елементи, како што се движењето „Антифа“, радикализирани младински групи и криминални елементи“. Според него, студентите што протестираат се анархисти, неокомунисти и врескаат како во средниот век.
Овие групи, тврди Рама, имаат поддршка од странски сили кои имаат за цел да ја дестабилизираат Албанија и Европа.
.

Бериша, пак, по состанокот на претседателството на Демократската партија изјави дека нема елемент на „Антифа“ во протестите од овие денови, како што вели премиерот Рама.
– Овој човек се однесува како кум. Прави сè за да создаде штит и да го претстави протестот како „Антифа“, но нема елемент, нула. Дали ги слушате учениците, децата на имигрантите кои пораснале без еден родител, кои станале мажи, возрасните девојки кои пораснале без еден родител дома. Затоа што ги избркал со својата политика – рече Бериша.
Тој кажа дека неговата партија целосно ги поддржува протестите на професорите, студентите, но исто така и на учениците од средните училишта, нудејќи 24-часовна бесплатна правна помош. Исто така повика на поголема масовност на протестите.

Средбата на Рама со банкарите се случи откако во насилните протести беа оштетени канцеларии на повеќе банки, но исто така низ градот може да се забележи дека се искршени излозите, а некаде дури и запалени простории на финасиски друштва, меѓународни компании, но и обични автобуски постојки, семафори и друго.

Протестите во Тирана екскалираа во попладневните и вечерните часови со фрлање камења и молотови котели, но исто така и палења и кршење по центарот на градот, а полицијата одговараше со водени топови, гумени куршуми и апсења.






