Народниот правобранител има проблем со исплатата на кириите за просториите на институцијата


Народниот правобранител се соочува со финансиски тешкотии и има проблеми со исплатата на кириите за просториите во кои е сместена институцијата поради недостиг на средства. Ова денеска го соопшти народниот правобранител Фатон Сељами, зборувајќи за предложените измени на Законот за народниот правобранител, кои, како што посочи, треба да обезбедат поголема финансиска, функционална и организациска независност на институцијата и да овозможат таа во иднина да аплицира за акредитација со статус А.

Сепак, додаде оти се надева дека за почеток со нов ребаланс на буџетот или со одлука на Владата ќе бидат обезбедени дополнителни финансиски средства кои ќе соодвествуваат со потребите на институцијата.

„Овие измени и дополнувања се предуслов во иднина да аплицираме за акредитација за статус А на институцијата Народен правобранител, бидејќи во регионот само Црна Гора и Македонија се со статус Б“,
вели Сељами.

Посочи дека според последните информации, Црна Гора минатиот месец го донела новиот Закон за народниот правобранител согласно меѓународните стандарди, со што, додаде дека нашата земја во тој правец заостанува.

Меѓу предложените измени е и допрецизирање на постапката за одобрување на буџетот, во насока дека ако има несогласување меѓу Министерството за финансии и Народниот правобранител за висината на средствата, конечната одлука би ја донело Собранието.

Предвидено е и осамостојување на стручната служба, можност за формирање Совет за заштита на човековите права со претставници од академската заедница и граѓанскиот сектор, како и вградување на новите мандати на институцијата во законска рамка.

Сељами посочи и дека поради континуираниот одлив на кадар, институцијата има потреба од нови вработувања, но дека Министерството за финансии досега негативно одговорило на доставените барања.

Во врска со спроведувањето на препораките на Народниот правобранител, информира дека во соработка со Собранието се усвоени мерки и дека тече шесмесечниот рок во кој Владата треба да го извести парламентот за спроведувањето на препораките и мерките од годишниот извештај.

На денешната тематска дискусија во Собранието за измените на Законот за народниот правобранител е истакнато дека тие треба да ја зајакнат независноста и надлежностите на институцијата, да обезбедат соодветни финансиски и човечки ресурси и поефикасна заштита на човековите права, во согласност со меѓународните стандарди.

Претставници на институциите, ЕУ, ОБСЕ и Обединетите нации ја нагласија и важноста од функционален и независен народен правобранител.

Според нив, зајакнувањето на институцијата е дел од пошироките реформи во владеењето на правото и евроинтегративниот процес на земјата.

Back to top button
Close