Во „Стив Наумов“ откорнале радијатор, фрлале влажни марамици во канализација и палеле цигари во собите, велат од МОН
Министерството за образование и наука (МОН) остро реагираше на прес-конференцијата на Социјалдемократската младина на Македонија (СДММ), на која биле изнесени критики за условите во реконструираниот студентски дом „Стив Наумов“ во скопска Автокоманда. Од Министерството тврдат дека условите во домот се одлични, а за пријавените проблеми посочуваат дека дел биле технички, додека други биле предизвикани од несовесно користење на објектот.

Од МОН информираат дека реконструкцијата на домот, реализирана со поддршка од Европската Унија, започнала во јули 2024 година и неодамна била завршена. Според Министерството, „Стив Наумов“ е првиот од деветте студентски домови што треба темелно и енергетски ефикасно да се реновираат во текот на мандатот на актуелната Влада.
Во реакцијата се наведува дека во студентскиот дом имало случаи на запушена канализација поради фрлање влажни марамици, активирање на алармниот систем поради заборавена храна во вклучена микробранова печка, како и поради запалена цигара во соба. МОН посочува и на случај со откорнат радијатор и паркирање автомобили на зелените површини во дворот.
„Сите ситуации се надминати“, тврдат од Министерството, додавајќи дека објектот сè уште е под гаранција и дека изведувачот ги санира техничките недостатоци што се појавуваат.
Од МОН ја отфрлаат оценката дека условите во домот се несоодветни и ги повикуваат претставниците на СДММ да го посетат објектот и лично да се уверат во состојбата.
„Условите во ‘Стив Наумов’ се одлични, а храната е согласно пропишаните нутритивни стандарди и тоа може да се види во секое време“, наведуваат од Министерството.
Во реакцијата МОН упатува и политички критики кон СДСМ, обвинувајќи ја партијата дека за седум години власт не ги исполнила ветувањата за подобрување на студентскиот стандард, вклучително и најавената изградба на „студентски град“.
„Четири министри во време на нивниот мандат не успеаја да сврзат две цигли“, се наведува во соопштението.
Од Министерството сметаат дека критиките се обид за дискредитација на нивната работа и за поттикнување незадоволство кај студентите, а однесувањето на СДСМ го нарекуваат „лицемерие”.






