Рама презентираше мерки за справување со урбаната анархија, насилството ќе се казнува, а сторителите ќе одговараат за штетата


Албанскиот премиер Еди Рама денеска презентираше нов правен пакет мерки за борба против урбаното насилство, кој се состои од шест дополнителни инструменти.

Во видео-порака, премиерот нагласи дека пакетот се заснова на јасен сет принципи: мирните протести се заштитени, насилството се казнува, а сторителот мора да ја надомести предизвиканата штета, пренесува албанската новинска агенција АТА.

„По уште еден бран на насилство во центарот на Тирана синоќа, кога Демократската партија (ДП) излезе од зад сцената и зазеде централно место во спроведувањето на урбаното насилство, а нејзиното седиште стана политичко засолниште и пункт за снабдување со експлозиви за сторителите кои синоќа се собраа од сите страни и преку сите канали на овој антидемократски пожар, бидете уверени дека ќе го изгаснеме и овој неприроден пожар на несреќата“, посочи Рама.

Тој рече дека ситуацијата ќе се решава со трпение и одлучност, нагласувајќи дека на одговорните за насилството нема да им се дозволи да ѝ ја наметнат на Албанија она што тој го нарече „расипана салата“ на еден „политички фосил“, кој ја претворил Демократската партија (ДП) во средство за антифашистички екстремисти кои го величаат насилството низ Европа.

Тој, исто така, ги обвини странските актери дека се обидуваат да ја спречат интеграцијата на Албанија во ЕУ и дека поттикнуваат маскирани поединци кои тврдат дека ги претставуваат студентите, но кои, според него, имаат посилни врски со организираниот криминал отколку со студентската заедница. Рама нагласи дека легитимните барања на обичните луѓе низ земјата ќе бидат земени предвид, истакнувајќи дека тие со право очекуваат поправедна распределба на придобивките од економскиот раст и посилни гаранции дека одлуките за вработување се засноваат на заслуги.

Во таа насока, албанскиот премиер најави дека со нацрт-буџетот за 2027 година, кој треба да биде образложен во текот на првите денови од оваа недела, ќе се воведат низа позитивни мерки за обичните семејства, јавните служби, младите и студентите.

Рама истакна дека по интензивна работа со европски експерти и тесна координација со италијанските и француските партнери, Албанија финализирала правен пакет мерки против урбаното насилство и нередите. Пакетот се потпира на моделот што неодамна го усвоија Италија и Франција за справување со она што тој го опиша како иста антидемократска закана, како и на судската пракса на Европскиот суд за човекови права.

Back to top button
Close