Студентите во Србија: „Победата е поблиску од кога било, издржете уште малку“


Студентите што веќе две години ги предводат протестите во Србија им се обратија на граѓаните за време на денешните парламентарни избори, заблагодарувајќи им се за трпението и повикувајќи ги да не се откажуваат од гласањето и покрај долгите редици пред избирачките места.

„Драги луѓе, ви благодариме за трпението што го покажавте досега. Благодарение на вас, победата е поблиску од кога било“, објавија студентите на својот официјален профил на социјалната мрежа Икс.

Тие потсетија на двете години истрајност и активности, нагласувајќи дека веруваат оти секој ден и секоја минута чекање биле вредни. Особено им се обратија на гласачите што чекаат во редиците, повикувајќи ги да издржат уште малку.

„Не се откажувајте. Редиците можеби се долги, но нашата волја е посилна“, порачаа студентите, додавајќи дека граѓаните се тие што одлучуваат за иднината на Србија.

Студентите објавија и податоци за излезноста, според кои до 14 часот гласале 46,3 отсто од избирачите. За споредба, на претходните парламентарни избори во Србија, во истиот период излезноста изнесувала 32,38 отсто.

Според податоците на набљудувачката организација ЦРТА, до 16 часот гласале 56,4 отсто од запишаните избирачи, што укажува на поголем одѕив во споредба со изборите во 2023 година.

Избирачките места се затвораат во 20 часот, но граѓаните што во тој момент ќе бидат во ред ќе имаат право да гласаат.

Back to top button
Close