Повторно судири меѓу демонстрантите и полицијата во Тирана, полицијата употреби солзавец
Во Тирана, за време на студентскиот протест, дојде до судир меѓу демонстрантите и полицијата пред канцеларијата на премиерот на плоштадот Скендербег. Инцидентот се случил кога учесниците на протестот почнале да фрлаат камења кон полицијата која возвратила со солзавец за да ги растера, јавија албанските медиуми.
Иако демонстрантите биле привремено растерани по интервенцијата, некои од нив подоцна се вратиле на местото и продолжиле да фрлаат камења и факели кон полицијата. Исто така, се наведува дека демонстранти се уапсени, но не се наведува колку. Демонстрантите и полицијата се уште се присутни на плоштадот.
На протестите што се одржаа во саботата, дојде до конфликт меѓу полицијата и учесниците и беше предизвикана голема материјална штета, кога маскирани демонстранти на плоштадот Скендербег фрлаа молотови коктели, петарди и камења кон полицијата, додека тие одговорија со солзавец и водни топови. Шишиња со бензин беа фрлени врз Министерството за земјоделство и Општина Тирана, што предизвика пожар на главните влезови на зградите, а беше запален и киоск во близина на Банката на Албанија.
Во Албанија веќе 13-ти ден се одржуваат протести предводени од студенти, кои започнаа поради незадоволство од состојбата на образованието, високите трошоци за студирање и лошите можности за вработување на младите, но се претворија во пошироки демонстрации против владата на албанскиот премиер Еди Рама, со барања за негова оставка.
Албанскиот премиер Еди Рама денеска презентираше нов пакет мерки против „насилството и урбаната анархија“ кој предвидува, меѓу другото, казни до 5.500 евра за лица кои ќе оштетат туѓ имот за време на демонстрациите.






