Петер Маѓар со порција ќебапи: Денеска во Србија се одржуваат важни избори

Унгарскиот премиер Петер Маѓар објави фотографија на која седи пред порција ќебапи, придружена со порака во која ги споменува денешните избори во Србија и неодамнешните разговори со балкански лидери.
„Деновиве разговарав со лидерите на многу балкански земји, а згора на тоа, денеска во Србија се одржуваат важни избори“, напиша Маѓар на Фејсбук.
Во продолжение на објавата тој споделува спомен од детството, кога со родителите посетувал српски ресторан кој веќе не работи.
„Се сетив дека како дете често одевме со родителите во некогашниот Српски ресторан. За среќа, добри ќебапи – сараевски или српски – може да се најдат на многу места“, додава тој.
На фотографијата, Маѓар е седнат на маса пред угостителски објект, со ќебапи, лепиња и кромид, како и салата и чаша пиво. Во објавата не наведува каде е направена фотографијата, ниту со кои балкански лидери разговарал.
Изборниот ден во Србија го одбележаа редици пред гласачките места и висока излезеност, која, според процената на ИПСОС и ЦЕСИД, до 17 часот достигнала 60,9 отсто.
Во Белград, пред Републичката изборна комисија е распоредена полиција во интервентна опрема, а поставени се и барикади и запрен е сообраќајот.
Гласачките места се затвораат вечерва во 20 часот, а првите процени на изборните резултати се очекуваат меѓу 21:30 и 22 часот.






