Стоилковиќ им честиташе на студентите за победата, а му се заблагодари на Вучиќ

Вицепремиерот Иван Стоилковиќ упати честитка до студентската листа во Србија по прогласувањето на изборната победа, а истовремено му се заблагодари на Александар Вучиќ за досегашната поддршка и соработка со Србите во Македонија.

Во објава на Фејсбук, Стоилковиќ порача дека Србите во Македонија се горди на своето потекло и дека очекуваат новото политичко раководство во Србија да продолжи да ги зајакнува врските со српската заедница во регионот.

„Од срцето на Македонија, горди на своето потекло и неизмерната љубов кон татковината, упатуваме искрени честитки до студентската листа! Нека оваа победа ви биде обврска да ја водите Србија напред, а нас во регионот да нè зајакнувате и да нè држите под своето закрила“, напиша Стоилковиќ.

Тој изрази очекување дека Србија и во иднина ќе одржува блиски односи со Србите што живеат во Македонија.

„Со Србија, нашите деца со гордост ќе знаат чии наследници се. Сакаме гласот на Србите од Македонија јасно да се слуша, а со татковината секогаш да нè поврзуваат искрено братство, почитување и заедништво“, наведе вицепремиерот.

Во истата објава Стоилковиќ упати и посебна порака до Вучиќ, кому му изрази благодарност за досегашната соработка.

„Во име на Србите од Македонија, упатуваме искрена благодарност до претседателот Александар Вучиќ за досегашната поддршка и соработка“, напиша тој.

Објавата ја заврши со пораката: „Да живее Србија! Да живее вековното српско единство!“

Реакцијата на Стоилковиќ следува по прогласувањето на изборната победа од студентската листа и признавањето на поразот од страна на Вучиќ на предвремените парламентарни избори во Србија.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close