Владата пресметала дека нејзината потрошувачка кошничка за септември „поевтинела“ за 358 денари

Пресметката опфаќа 11 категории и 101 прехранбен производ. Се користат податоци од Државниот завод за статистика за осум градови, цени од 23 пазари за овошје и зеленчук, како и податоци од пет големи и три регионални трговски синџири. Најголеми разлики во пресметките се забележуваат кај храната и пијалаците, облеката и обувките, образованието, домувањето и комуналните трошоци. Дурмиши рече дека Владата внимателно ги следи движењата на цените и притисокот врз семејните буџети.

Во однос на контролите на трговците, министерот информираше дека досегашните инспекциски надзори не покажале зголемување на трговските маржи. Според него, доколку се утврдат злоупотреби или прекршувања на законите, ќе бидат преземени соодветни мерки. Тој посочи и дека инфлацијата изнесува 2,7 проценти, а доколку дојде до енормно поскапување на дизелот, Владата повторно би можела да интервенира преку акцизите и даноците.

Дурмиши најави дека по Нова година, со поддршка од Европската Унија во рамките на Реформската агенда, ќе започне изработката на минимална потрошувачка кошница, како и посебни кошници за студенти, пензионери и различни типови домаќинства. Прашањето за минималната плата, како што рече, не било на дневен ред на денешната седница. Иницијативите на работодавачите за промени кај неработните денови и плаќањето по работен час остануваат отворени прашања. Дурмиши рече дека на седницата не бил доставен конкретен предлог и дека стекнатите работнички права треба да се зачуваат.

Претседателот на Конфедерацијата на синдикалните организации на Македонија (КСОМ), Марјан Ристески, порача дека синдикатите се против скратувањето на празниците и дека за ова прашање треба да се понуди конкретно решение. Според него, проблемите се особено изразени кај верските празници, кога дел од вработените работат, а други отсуствуваат, како и во случаите кога празникот се паѓа во недела и различно се пресметува надоместокот за работа.

Ристески посочи дека синдикатите очекуваат работодавачите да излезат со конкретен предлог, кој би можел да се разгледува на следната седница на Економско-социјалниот совет. Тој ги повика работниците да се синдикално организираат и да склучуваат колективни договори во компаниите. Воедно, нагласи дека во пресметката на потрошувачката кошница треба да се вклучи и трошокот за кирија, посочувајќи дека високите цени на станбениот простор особено ги погодуваат младите кои се обидуваат да обезбедат сопствен дом.

КСОМ бара решенија и за прашањата поврзани со Законот за работните односи, временските вработувања и случаите на прекин на договорите пред нивното истекување, со што, според синдикатот, може да се избегне исплатата на регресот за годишен одмор (К-15). На денешната седница не бил постигнат конкретен договор за промените кај празниците и плаќањето по работен час, а прашањата се очекува повторно да бидат разгледани во рамките на социјалниот дијалог.

Back to top button
Close