Ноќта кога падна Вучиќ: Среќни луѓе и прашања за подоцна

Во неделата во 21:42 часот стотици момци облечени во јакни со качулки и маски како во времето на пандемијата, излегоа од Пионерскиот парк и се упатија кон друга локација. Луѓето од околу понесени од еуфоријата, им довикуваа: „Каде одите кога е забава!“ Дури и по некој припадник на Жандармеријата кој до пред само неколку моменти ги обезбедувал токму тие мажи во црно, сега се чинеше видно задоволен. Тоа беше само дванаесет минути откако поранешниот српски претседател Александар Вучиќ го призна поразот на изборите.
И тоа каков пораз. Според проценките засновани на примероци, Студентската листа освоила околу 53 проценти од гласовите, додека „Обединета Србија“ на Вучиќ 39 отсто. Тоа го соопштуваат истите оние анкетари од „Ипсос“ кои само неколку дена претходно тврдеа дека Вучиќ води со седум проценти. Но, тоа веќе никому не му е важно. На улиците на Белград и во другите градови има среќни луѓе.
„Ова не го очекував“
„Се чувствувам пре-у-ба-во. Тоа е најкраткото и најдолгото нешто што можам да го кажам“, вели Алекса, човек во своите четириесетти, кој случајно се нашол во близина на Народното собрание.
Една девојка и еден млад човек велат дека очекувале победа, но не толку убедлива. На прашањето дали очекувала Александар Вучиќ да го признае поразот на ваков начин, една пресреќна жена коментира дека „тоа не го очекував. Мора да признам дека тоа од негова страна сепак е добар гест, да се избегнат конфликти и немири и да се овозможи заслужената победа да се прослави како што доликува“, вели таа.
Денот мирисаше на неволја. Во повеќе инциденти нападнати беа моторџии кои стоеја заедно со студентите, како и голем број други граѓани. Вечерта Пионерскиот парк почна да се полни со луѓе во црно кои поставуваа нови шатори, како да се подготвува нешто.
На крајот од Вучиќ една кисела честитка на Студентската листа за која повтори дека се „рушители на државата” и „изведувачи на валканата работа што ја смислил некој друг“. Тој се однесуваше како човек кој сега ќе предводи опозициска партија. Ако се прашуваат луѓе како Јово Бакиќ, професор по социологија и новоизбран претставник на Студентската листа, Вучиќ и многу функционери од власта што заминува, наскоро би можеле да се соочат со судски процеси. Во врска со признавањето на поразот, Бакиќ вели дека „најверојатно е разликата толку голема што нема простор за каква било манипулација“.
Победа, па соочување со оставштината од СНС
Србија и идната власт сега се соочуваат со задачата да се справат со повеќе од четиринаесет години владеење на СНС, период кој според критичарите е обележан од корупција, непотизам и ерозија на демократијата. За филозофот и политички коментатор Иван Миленковиќ, подвигот што го остварија студентите, имено одржување на бунтот точно две години, претставува политичко ремек-дело.

„Ретко се случува во Србија да се појави нешто што заслужува да биде предмет на проучување во цел свет. Политичката вештина и упорност се споени со основни човечки доблести, како чесноста и честа. Овие деца овде, цело време пливаат на тоа“, вели Миленковиќ за ДВ. Според него, сериозната работа допрва им претстои. „Потребна е одмерена, но цврста решителност. Оти потешко е да се одржи отколку да се освои власта. Клучно е да се отсечат сите пипци на ’октоподот‘, но строго во рамки на законот. Само законите гарантираат Србија да има шанса“, вели тој.
Колку долго Студентската листа ќе остане обединета?
Иако во раните утрински часови од недела на понеделник се чинеше дека малкумина размислуваат за утре, Србија се соочува со низа нерешени прашања. На пример, до кој степен Студентската листа која ја сочинуваат луѓе со различни идеолошки позадини, ќе успее да остане обединета и колку работи ќе може да заврши до тогаш. Какви одлуки ќе носат во однос на ЕУ, Русија и Косово? Колку системот ќе ги кочи и колку простор за маневар ќе имаат додека општините и градовите се под контрола на СНС? (Dw)






