Утре избори во Израел – ќе падне ли Нетанјаху?

Поранешниот началник на Генералштабот на израелската армија, Гади Ајзенкот, се профилира како главен противкандидат на премиерот Бенјамин Нетанјаху на парламентарните избори закажани за 27 октомври. Негово главно предизборно ветување е формирање независна државна истражна комисија за безбедносните пропусти од нападот на 7 октомври 2023 година.

Израелските граѓани утре излегуваат на првите парламентарни избори по нападот на Хамас и војната во Појасот Газа. Гласањето ќе одреди дали долгогодишниот премиер Нетанјаху ќе успее да го задржи мандатот или власта ќе ја преземе опозицијата.

Клучна фигура во опозицискиот табор стана 66-годишниот генерал во пензија Ајзенкот, кој пред гласачите настапува со новоформираната партија „Јашар“. Тој се позиционираше на политичката сцена со ветување за национално обединување и институционална одговорност за најсмртоносниот напад во историјата на земјата.

Ајзенкот во декември 2023 година го загуби својот 25-годишен син Гал во воените дејствија во Газа, а подоцна во борбите загинаа и негови двајца внуци. Во јуни 2024 година тој го напушти воениот кабинет, упатувајќи остри критики до Нетанјаху за начинот на кој се водат воените операции и за одложувањето на договорот за враќање на заложниците.

Актуелната влада на Нетанјаху досега ги отфрлаше повиците за формирање независно тело за утврдување одговорност и бараше истрагата да ја водат лица назначени од политичарите. Нетанјаху одговорноста ја насочуваше кон безбедносните и разузнавачките структури, тврдејќи дека не добил навремени извештаи утрината кога започна нападот.

Анкетите во пресрет на гласањето покажуваат тесна трка меѓу партијата на Ајзенкот и Ликуд на Нетанјаху. Иако Ајзенкот бележи предност како најпосакуван кандидат за иден премиер, ниту еден од двата спротивставени политички блока нема сигурно мнозинство од 61 пратеник во Кнесетот. Ваквиот распоред на силите најавува сложени и долготрајни коалициски преговори по затворањето на гласачките места

Back to top button
Close