Срдановиќ: „Студентската листа“ ќе биде фактор за стабилизирање на добрососедските односи

Суштината на движењето што го започнаа студентите во Србија е отвореноста за конструктивна соработка и дијалог со сите партии, вели Илија Срдановиќ, носителот на победничката изборна листа на вонредните парламентарни избори во Србија, и додаде дека тоа сигурно ќе биде фактор за стабилизирање на добрососедските односи во наредниот период.
Запрашан како ќе го изберат новиот српски премиер и министрите и кој ќе ги носи тие одлуки, Срдановиќ во своето прво интервју по победата дадено за хрватскиот портал „Индекс“, рече дека студентите избрале 250 експерти од различни области: економисти, правници, финансиски експерти, спортисти, културни работници, лекари, едукатори.
Практично, додаде Срдановиќ, нема сегмент од општеството што не е опфатен со ширината на оваа листа.
„Сега имаме голем број мандати во Собранието и меѓу тие луѓе веќе има доволно кредибилни кандидати кои можат да бидат членови на владата или премиер“, рече Срдановиќ.
Движењето, вели тој, не е само она што се гледа на листата, туку претставува поширок граѓански собир на Србија што сака да оди напред.
„Во меѓусебен демократски дијалог, ќе одлучиме кој ќе влезе во владата и ќе продолжи да ја води земјата во најдобар интерес на нашите граѓани“, рече Срдановиќ.
Движењето, објаснува тој, прерасна во „Студентска листа“ и граѓанска иницијатива водена од студентските барања и студентското лидерство.
Како одговор на констатацијата дека се најавени многу тешки реформи, од правосудството и полицијата до борбата против корупцијата и слободата на медиумите, и прашањето што ќе се решава прво и дали очекува опструкции, Срдановиќ вели дека задачата не е лесна и дека многу институции треба да се ослободат од партиски назначените кадри кои, додава тој, направиле големи грешки.
„Затоа првите чекори во полицијата, обвинителството и судството ќе бидат многу важни“, рече Срдановиќ, додавајќи дека за тоа ќе бидат потребни и слободни медиуми.
На прашањето дали ова значи дека ќе го интензивираат својот пристап кон Европската Унија и посилно ќе ја насочат Србија кон членство, првиот на листата „Студентите победуваат“ вели дека во претходниот период се изгубиле 20 проценти од поддршката на граѓаните на ЕУ, но дека нивните основни вредности се многу слични на европските вредности на цивилизацијата.
„Затоа не гледам пречка за подобрување на соработката и продолжување на европската интеграција“, рече Срдановиќ.
Срдановиќ потврди дека се слушнал со премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, кој му ја честитал победата на победничката студентска листа и дека изразил надеж за понатамошна соработка, која ќе биде конкретизирана кога ќе се формира новата влада.






