Лавров: Русија не забележува промена во ставот на европските земји кон конфликтот во Украина


Русија засега не забележува промена во ставот на европските земји кон конфликтот во Украина, кои продолжуваат да ја осудуваат Москва и да бараат прекин на војната, игнорирајќи ги причините за кризата – изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

– Засега не забележуваме промена во пристапот на Европа, која усвојува документ по документ, држи говори и дава изјави со кои ја осудува Русија и бара да се запре агресијата, целосно игнорирајќи го она од што започна сè – рече Лавров на средба со главни уредници на африкански медиуми.

Тој наведе дека европските земји до неодамна одбивале контакти со Русија, додека сега зборуваат за потребата од нивно обновување. Според него, ниту на разговорот со германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул во Њујорк, ниту во телефонските разговори на рускиот претседател Владимир Путин со норвешкиот премиер Јонас Гар Стере и финскиот претседател Александер Стуб „не било кажано ништо ново“.

Лавров оцени дека европските земји настојуваат да се вклучат во преговарачкиот процес за Украина, но дека сè уште не е јасно со какви ставови би учествувале во него. Шефот на руската дипломатија ги критикуваше и европските лидери кои се залагаат за продолжување на поддршката за Украина, наведувајќи дека „од граѓаните се бара да ги поднесат економските и социјалните трошоци заради украинската победа над Русија“.

Тој изјави и дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп се залага за проширување и продлабочување на дијалогот со Русија во сè поголем број области, предупредувајќи дека западните земји, означувајќи ја Русија како противник или непријател, „ризикуваат да се изолираат од перспективните меѓународни иницијативи“.

Back to top button
Close