ФОТО: Апасиев во Москва се сретна со „вечниот“ лидер на руските комунисти, Генадиј Зјуганов

Делегација на Левица, предводена од лидерот на партијата, Димитар Апасиев, отпатувала во Москва, каде се сретнала со долгогодишниот претседател на Комунистичката партија на Руската Федерација (КПРФ), Генадиј Зјуганов.

Апасиев, споделувајќи ја објавата на „Фејсбук“ на неговата партија, вели дека уште од студентските денови му била желба да го запознае Зјуганов, а желбата сега му се исполнила.
Делегација на Левица во руската Дума / фото: Левица

„Во деновите кога ја славиме Октомвриската револуција – претседателот на Левица, проф. д-р Димитар Апасиев, потпретседателот на Партијата м-р Реџеп Исмаил – Хактан и членот на Президиумот м-р Александар Симонов, денес во Москва, во Државната дума на Руската Федерација, остварија официјална средба на највисоко политичко ниво со д-р Генадиј Зјуганов, долгогодишен претседател на опозициската Комунистичка партија на Руската Федерација (КПРФ)“, велат од Левица.

Делегација на Левица во руската Дума / фото: Левица

„Во фокусот на разговорите со нашата сестринска партија беа перспективите за продлабочување на меѓупартиската соработка со посебен акцент на политичката едукација и идеолошкото усовршување на младите партиски кадри. Беше разгледана можноста за воспоставување организирани антифашистички форми на образовна соработка, преку политички школи, програми и размена на искуства, насочени кон развивање на теоретските знаења, организациските капацитети и политичката подготвеност на новите генерации левичарски кадри“, додаваат од партијата.

Делегација на Левица во руската Дума / фото: Левица

82-годишниот Зјуганов е на чело на Комунистичката партија на Руската Федерација 33 години. Првпат бил избран за пратеник во Државната дума во декември 1993 година. Тој е познат по тоа што четирипати се кандидираше за претседател, а во 1996 година му беше сериозен противкандидат на Борис Елцин, но загуби во вториот круг од претседателските избори.

Иако КПРФ формално е опозициска партија, Зјуганов ги поддржува клучните политики на Владимир Путин и војната во Украина, поради што неговата партија се смета за дел од таканаречената „системска опозиција“, лојална на Кремљ. Европската Унија му наметна санкции на Зјуганов во февруари 2022 година, непосредно откако почна инвазијата на Русија врз Украина, поради поддршката за признавањето на сепаратистичките територии во источна Украина

Back to top button
Close