Пречки и барања се редат за Србија: Веднаш по изборите, ултиматум од соседството: Нема членство во ЕУ додека не ги предадете тајните досиеја

Словенија ќе го услови напредокот на Србија во преговорите за членство во Европската Унија со предавање на архивите на поранешните југословенски безбедносни служби што се однесуваат на словенечката територија. Ова го порача словенечкиот премиер Јанез Јанша, поставувајќи ново барање пред идната влада во Белград.

Јанша истакна дека Словенија би го поздравила забрзувањето на пристапните преговори на Србија, но нема да даде согласност за натамошен напредок сè додека не бидат предадени документите од архивите на УДБА, СДВ, ЈНА и другите поранешни служби на СФРЈ што се однесуваат на Словенија.

Според аналитичарот Игор Новаковиќ од Центарот ИСАК, ваквото барање може да претставува обид новото српско раководство да се стави пред чувствителни прашања од надворешната политика. Тој оценува дека условот би можел да остане во сила, како што се случило и со барањата на други земји членки на ЕУ, но останува нејасно во која фаза од преговорите би можел да има најголемо влијание.

Новаковиќ смета дека Србија и без формално отворање нови преговарачки поглавја може да напредува преку спроведување реформи, усогласување на законодавството со европското и подобрување на владеењето на правото и работата на институциите. Според него, идната влада засега веројатно нема да ги отвора најчувствителните прашања за да не го наруши постојниот политички консензус.

Словенечкото барање доаѓа по претходните условувања од Хрватска и Бугарија. Хрватска се противеше на отворањето на Кластерот 3 во преговорите со Србија, барајќи напредок во решавањето на прашањата поврзани со воените злосторства, исчезнатите лица и положбата на хрватското малцинство во Србија.

Бугарија, пак, го условува својот став со подобрување на правата на бугарското малцинство во источна Србија, вклучително и обезбедување учебници и медиумски содржини на бугарски јазик.

Србија има кандидатски статус за членство во ЕУ од 2012 година. Досега се отворени 22 од вкупно 35 поглавја, односно два кластера според новата методологија, а две поглавја се привремено затворени. Белград сè уште чека отворање на Кластерот 3, додека Брисел инсистира на реформи во владеењето на правото, слободата на медиумите и усогласувањето на српската надворешна политика со европската, особено во однос на санкциите кон Русија.

Back to top button
Close