Во „Идризово“ еден лекар се грижи за речиси 700 осуденици: Народниот правобранител алармира за состојбата во затворите
Недостигот од лекари, долгото чекање за специјалистички прегледи и проблемите со обезбедувањето лекови се меѓу најголемите слабости во здравствената заштита во македонските затвори, покажува истражувањето на Народниот правобранител спроведено во 11 казнено-поправни установи.

Заменик-народниот правобранител Соња Трифуновска посочи дека во седум од 11 установи има пренатрупаност, додека во четири нема постојан медицински персонал. Ниту еден од посетените затвори нема здравствени работници достапни 24 часа дневно.
Особено загрижувачка е состојбата во затворот „Идризово“, каде што еден лекар се грижи за околу 691 затвореник, иако според наведените стандарди треба да опслужува најмногу околу 300. Една медицинска сестра или техничар, пак, се грижи за приближно 461 затвореник.
Дополнителен проблем е што во дел од затворите терапијата ја делат затворски службеници, а понекогаш семејствата мора сами да набавуваат лекови. Ова создава ризик од прекини во лекувањето, погрешно дозирање и нарушување на медицинската доверливост.
Истражувањето открило и недостатоци во превенцијата од заразни болести, вакцинацијата, следењето на хроничните заболувања и во грижата за менталното здравје. Проблем претставуваат и недостигот од возила и од персонал за превоз на затворениците до здравствените установи.
Народниот правобранител Фатон Сељами нагласи дека затворениците имаат исто право на здравствена заштита како и останатите граѓани и дека државата мора да обезбеди навремено и квалитетно лекување.
Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал, повика на поголема институционална соработка и на подобар пристап до специјалистички прегледи.
Народниот правобранител препорачува воведување минимални стандарди за бројот на медицински работници, подобра организација на ноќните и викенд-службите и еднаков пристап до здравствена заштита во сите затвори






