„Волстрит џурнал“: САД ги предупредија земјите од Персиски Залив за можен нов напад врз Иран

САД информираа неколку арапски земји од Персиски Залив да се подготват за евентуална „кратка и интензивна“ воена кампања против Иран по американските средорочни избори, објави „Волстрит џурнал“ повикувајќи се на неименувани извори.

Весникот наведува и дека има нови знаци дека американската и израелската армија се подготвуваат за потенцијален напад со цел да го принудат Иран на преговарачка маса.

Неименувани извори за „Волстрит џурнал“ тврдат дека американската армија носи системи „Патриот“ од Тексас за да ја зајакне својата ракетна одбрана, а американските сили во регионот се снабдуваат со муниција, додека бомбардерите и борбените авиони се подготвуваат за напади.

– Дополнителна ударна група на носачи на авиони и експедициска сила на морнарицата, исто така, се подготвуваат да се приклучат на армадата од околу 20 други воени бродови што дејствуваат на Блискиот Исток следниот месец, иако некои бродови би можеле да ротираат, наведоа неименувани извори.

И неименувани соработници на американскиот претседател Доналд Трамп истакнаа дека тој сè уште не донел конечна одлука, но размислува да ја нападне иранска инфраструктура и нуклеарни постројки.

Белата куќа одби да коментира за чувствителни воени планови „кои можеби постојат, а можеби и не“.

Претседателот Трамп ги држи сите опции на маса за да се осигури дека Иран никогаш нема да има нуклеарно оружје, се наведува во соопштението на Белата куќа.

Back to top button
Close