Дефект на сигнализацијата можеби довел до судирот на двата брзи воза во Шпанија, каде загинаа најмалку 50 лица

Најмалку 50 лица загинале, а десетици се повредени во судир на два брзи воза во Шпанија, во близина на местото Урда, во покраината Толедо. Додека спасувачките екипи и војската ги извлекуваат настраданите од уништените вагони, истражителите како можна причина за несреќата ја разгледуваат човечката грешка при управувањето со железничкиот сообраќај.

Според информациите што ги објави шпанскиот весник „АБЦ“, несреќата се случила за време на отстранување дефект на сигналниот систем. Техничар на државниот железнички оператор „Адиф“ наводно не го предупредил брзиот воз АВЕ дека пред него на истата пруга стои воз на компанијата „Ирио“.

Првичната реконструкција на Цивилната гарда укажува дека двата воза во одреден момент биле запрени. Потоа, на возот АВЕ му било одобрено да продолжи, без машиновозачот да биде известен дека другиот воз сè уште стои на пругата. Поради проблемот со сигнализацијата, АВЕ удрил во задниот дел на запрениот воз, при што два вагона биле уништени и исфрлени од пругата.

Болниците во регионот Кастиља-Ла Манча и во Мадрид подготвуваат дополнителни капацитети за повредените, а во спортска сала во Урда е организиран центар за полесно повредените и за семејствата на настраданите.

Несреќата повторно ги отвори прашањата за безбедноста и одржувањето на железничката инфраструктура во Шпанија. Синдикатот на машиновозачите „Семаф“ претходно најавил 24-часовен штрајк поради, како што наведува, недоволното спроведување на безбедносните мерки и честите дефекти на сигналните системи.

Шпанскиот министер за транспорт Оскар Пуенте ги откажал сите обврски и се наоѓа во кризниот центар, од каде што ја следи работата на службите и текот на истрагата. Железничкиот сообраќај на брзата линија меѓу Мадрид и Андалузија е целосно прекинат, додека истражителите ги сослушуваат дежурните техничари за да ги утврдат околностите на несреќата објави.

Back to top button
Close