Поранешниот бугарски премиер ќе ја тужи Јотова по дебатата за Македонија

Поранешниот бугарски премиер, Кирил Петков, утрово најави дека ќе ја тужи Илијана Јотова бидејќи, како што тврди, изнела злонамерни невистини за него во врска со Македонија за време на синоќешната телевизиска дебата. Тој веќе побарал од својот правен тим да подготви тужба.
Петков реагираше на обвинувањата на Јотова дека за време на нивното заедничко патување во Македонија тој имал намера да ја промени бугарската позиција.
„За време на мојата влада успеавме бугарската позиција за Северна Македонија да стане заедничка позиција на целата Европска Унија. Госпоѓа Јотова се обиде овој неспорен бугарски успех да го претстави како национално предавство“, напиша Петков во објава на социјалните мрежи.
Тој појасни дека патувањето на кое се повикува Јотова немало никаква врска со преговорите за договорот со Македонија и дека не отпатувале во Скопје, туку во Битола, каде што присуствувале на отворањето на бугарски клуб.
„Оваа фотографија со балоните е од единствениот пат кога госпоѓа Јотова беше со мене во Северна Македонија. Дали пред балоните на новиот клуб го спасуваше ‘националниот интерес’? Ова е лага што лесно може да се докаже“, напиша поранешниот премиер.
Петков ги отфрли и обвинувањата за рускиот гас
Петков ги демантираше и тврдењата на Јотова дека неговата влада го прекинала снабдувањето со руски гас, по што Бугарија склучила договор со турската компанија „Боташ“.
Тој тврди дека рускиот „Газпром“ го прекинал снабдувањето откако бугарската влада одбила да го прифати барањето на Кремљ за плаќање во рубли. Според Петков, со тоа „Газпром“ го прекршил договорот.
Тој нагласи дека договорот со „Боташ“ го склучила техничката влада на претседателот Румен Радев, во периодот кога Јотова беше потпретседателка на Бугарија.
„Ова е еден од најлошите енергетски договори во современата историја на Бугарија“, оцени Петков.
Поранешниот премиер порача дека нема да ги остави без одговор изјавите на Јотова и дека ќе побара правда на суд.
„Ќе се видиме на суд, госпоѓо Јотова! Вашите лаги беа грди, злонамерни и штетни за интересите на Бугарија“, напиша Петков.






