(Видео) „Нападнати деца низ Тетово“ – родител алармира, полицијата потврди 12 меѓуетнички инциденти

Нашите деца се плашат да излезат на улица. Ги носиме со автомобили насекаде, бидејќи не смееме да ги пуштиме сами. Ова не е обично врсничко насилство, туку напади кои предизвикуваат сериозна загриженост поради можните меѓуетнички тензии. Ова трае со месеци, а ние веќе не знаеме кому да се обратиме“, раскажува загрижен родител од Тетово, кој во разговор за „Фокус“ сведочи за серија напади и заплашувања на малолетни деца во градот.

Родителот, кој сака да остане анонимен поради безбедноста на своето семејство, тврди дека во изминатиот период повеќе деца биле пресретнувани, заплашувани и физички напаѓани од групи постари малолетници. Според неговите сознанија, дел од нападите имаат меѓуетничка заднина и се поврзани со ривалството меѓу навивачките групи „Балисти“, која ја поддржува Шкендија, и „Војводи“, навивачката група на Тетекс.

„Ова не е случај во едно училиште, ниту станува збор за две деца што се скарале. Ова се случува низ целиот град. Има групи што пресретнуваат деца и ги прашуваат за кого навиваат, дали за „Балисти“ или за „Војводи“. Проверуваат каква облека носат, дали имаат дресови или нешто што ги поврзува со Тетекс. И тоа им го прават на деца од десет или единаесет години“, вели соговорникот.

Тој раскажува дека и неговиот единаесетгодишен син неодамна бил пресретнат од група постари момчиња додека одел на фудбал.

„Пред една недела го пресретнаа и мојот син. Го фатиле, го малтретирале и проверувале дали има дрес од Тетекс, дали навива за „Војводи“. Тоа е дете од 11 години. Што знае тоа дете за навивачки групи? Тие што го пресретнале биле постари и неколку пати побројни. Пет-шестмина против едно дете“, раскажува родителот.

Иако неговото дете, како што вели, не се здобило со физички повреди, последиците се чувствуваат во секојдневието.

„Не беше повреден, но сега му е страв да излезе. Сам оди само до училиште, бидејќи ни е блиску. За сè друго мораме да го носиме со автомобил. Не е нормално дете да се плаши да оди на фудбал или на курс по германски јазик“, вели тој.

Според неговите тврдења, напаѓачите најчесто се на возраст од 13 до 14 години, додека децата што ги пресретнуваат се помали. Посочува и случаи во кои девојчиња биле заплашувани од групи момчиња.

Особено загрижувачки, според соговорникот, е тоа што дел од нападите наводно се снимаат со мобилни телефони, а снимките потоа се објавуваат на социјалните мрежи. Тврди дека дел од видеата се споделуваат на профили поврзани со навивачката група „Балисти“, меѓу кои споменува и профил на ТикТок со ознаката „Балисти 1992“.

„Еден снима, другите тепаат. Потоа снимките се објавуваат на ТикТок. Имаше и видео на кое дете бега, а други трчаат по него. Подоцна видеото беше избришано. Тоа се мали деца, а не луѓе што учествуваат во некакви навивачки пресметки“, тврди родителот.

Тој посочува дека располага со линкови и објави на социјалните мрежи, како и со сведоштва од други родители кои пријавуваат слични искуства.

Соговорникот е особено револтиран од, како што оценува, недоволната реакција на полицијата. Тврди дека проблемот постои уште од февруари и дека, и покрај пријавите и предупредувањата, состојбата не се подобрила.

„Цела година се случува ова. Да беше некаква организирана криминална група, досега ќе ја откриеја. А овде зборуваме за малолетници од 13 или 14 години. Зарем не можат да утврдат кои се? Како е можно ова да трае толку долго?“, прашува тој.

Родителот смета дека е неопходно во испитувањето на случаите да се вклучат и надлежни служби од Скопје, вклучително и внатрешната контрола на Министерството за внатрешни работи, за да се утврди дали полицијата во Тетово постапувала соодветно по пријавите.

„ Не може сè да се става под тепих. Ние овде живееме, нашите деца овде растат. Не можеме постојано да стравуваме“, вели соговорникот.

Тој тврди дека во комуникацијата со дел од полициските службеници добивал одговори дека насилство има од двете страни, но смета дека тоа не може да биде оправдување за непостапување по конкретни пријави.

Дополнително предупредува дека стравот и незадоволството кај родителите растат и дека, доколку институциите не реагираат навреме, постои опасност од нови инциденти и дополнително продлабочување на меѓуетничките тензии.

„Еден родител чие дете исто така било нападнато со часови ги барал момчињата со автомобил. Ми рече дека е подобро полицијата да ги најде пред него. Тоа е најстрашното. Некој родител во револт може да направи нешто, па потоа да настане уште поголем проблем“, раскажува соговорникот.

Целиот текст и видео на следниот линк

Back to top button
Close