Нови правила за клиентите на „АЛТА банка“: Колку пари можат да се повлечат и кои плаќања се дозволени?

Народната банка воведе привремена администрација во „АЛТА банка“ АД Битола, но нагласува дека банката продолжува да работи и дека мерката не значи нејзино затворање или отворање стечајна постапка. Одлуката е донесена поради случувањата поврзани со нејзиниот мнозински акционер, „Алта банка“ АД Белград, а целта е заштита на средствата и интересите на клиентите до промена на сопственичката структура.

Од Народната банка информираат дека банката е ликвидна, високо капитализирана и има солиден квалитет на кредитното портфолио. Не ѝ е одземена дозволата за работа, а нејзиното работење е под непосреден супервизорски надзор.

Во периодот на привремената администрација, средствата на клиентите остануваат на нивните сметки, но привремено е ограничена можноста за нивно повлекување и префрлање надвор од банката, со цел да се спречи нагло повлекување на ликвидноста.

За физичките лица е утврден неделен лимит од 10.000 денари, кој може да се користи со банкарските картички за подигање готовина и плаќање кај трговци. Внатрешните трансакции кон други физички и правни лица во рамките на банката остануваат неограничени.

Правните лица ќе можат да вршат неограничени внатрешни плаќања, но нема да можат да префрлаат средства надвор од банката преку домашните платни системи, ниту да повлекуваат готовина од банкомати или шалтери.

Приливите од странство преку СЕПА и кореспондентското банкарство ќе се одвиваат непречено, додека одливните плаќања кон странство привремено нема да бидат достапни ниту за физичките ниту за правните лица.

Од Народната банка посочуваат дека кредитокорисниците треба редовно да ги исполнуваат обврските кон банката. Истовремено, потсетуваат дека штедните влогови на физичките лица се осигурени преку Фондот за осигурување депозити до 30.000 евра, согласно со законските правила.

Централната банка најавува дека постојано ќе ја следи состојбата и ќе ги преиспитува ограничувањата во зависност од развојот на настаните. Воедно, ги повикува граѓаните да се информираат од официјални извори и да не преземаат одлуки врз основа на непроверени информации, бидејќи масовното повлекување средства не е во интерес на штедачите.

Back to top button
Close