Петрушевски: Фројд работи кај Филипче и СДСМ за Алта банка, не беа вака гласни кога пропадна Еуростандард банка

Двојните аршини на Венко Филипче и на СДСМ повторно се на виделина, обвини денеска заменик-генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, Бране Петрушевски.

Тој направи споредба на случајот со Алта банка и пропаѓањето на Еуростандард банка, истакнувајќи дека доколку СДСМ тогаш реагирале со ист интензитет како денес, граѓаните немало да претрпат огромни штети.

Петрушевски потсети дека во времето на власта на СДСМ, Еуростандард банка со години одобрувала кредити без соодветно покритие за компании блиски до тогашното раководство на партијата.На прес-конференцијата, Петрушевски рече и дека поранешната министерка за финансии Нина Ангеловска непосредно пред пропаѓањето на Еуростандард банка повлекла 250 илјади евра.

Според Петрушевски, власта на СДСМ и тогашното раководство на Народната банка не вовеле администрација, туку директно ја укинале лиценцата за работа за да овозможат пропаѓање на кредитите на фирми блиски на поранешниот премиер Зоран Заев.

„Ете, затоа им е криво на СДС и затоа работи Фројд кај Филипче. Тоа што вие сте посегнале по криминал, ние тоа нема да го направиме“рече Петрушевски.

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и нејзиниот лидер изминатите два дена, откако се актуализира случајот со Алта банка, бараат одговорност од премиерот Христијан Мицкоски и од гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, како и од сите што учествувале во процесите поврзани со Алта банка.

Денеска Филипче побара Мицкоски и Славески да одговорат на низа прашања поврзани со работењето на Алта банка и нејзиното влегување на македонскиот банкарски пазар.

Тој на денешната прес-конференција рече дека СДСМ една година предупредувал за сомнежите поврзани со банката, нејзиниот капитал и потеклото на парите од коруптивни и криминални зделки, како и наводните врски на сопствениците на банката со луѓе блиски до поранешниот српски претседател Александар Вучиќ.

Back to top button
Close