Филипче: Дали во Алта банка сметки имаат владини функционери и затоа се брза со продажба?

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, посочи дека јавноста заслужува одговори за сите отворени прашања поврзани со скандалот со Алта банка. Филипче го отвори прашањето за тоа дали високи владини функционери имаат свои сметки во Алта банка и дали токму тоа е причината за брзањето на власта и гувернерот Трајко Славески да ја завршат продажбата на банката во краток рок. Тој предупреди дека со непромислени и избрзани одлуки се отвора простор за прикривање на сомнителните финансиски текови и одговорноста на оние кои дозволиле ваков капитал да влезе во земјава.

„Можно да сме станале благодарение на власта на Христијан Мицкоски, да сме сега и до непосредниот период после ова единствено и крајно засолниште на сомнителен руско-српски капитал поврзан со криминал, со корупција, со шверц на дрога и така натаму. И да притоа во таа банка сметки имаат и наши високи владини службеници и функционери и да тоа е една од причините да вака на брзина несоодветно, затоа што брзањето си го прави своето, луѓето влегуваат од грешка од грешка, овие работи сакаат да се сокријат”, рече Филипче.

Воедно, Филипче укажа дека гувернерот Славески најавува брза продажба на акциите, иако за тоа не е надлежна Народната банка, туку Агенцијата за осигурување на депозитите во Србија, која управува со стечајната постапка на Алта банка Белград.

„Сега Алта банка во Белград, која што е мнозински сопственик 95 проценти на Алта банка Битола е во стечај. Гувернерот посегнува по некаква си продажба на акциите, иако вистината е дека не може тој да ги продава акциите, ниту Народна банка наша, туку за тоа одлука треба да донесе тој кој што го управува стечајот на Алта банка во Белград, а тоа е Агенцијата за осигурување на депозитите во Србија, тие треба да ја донесат таа одлука за продажба на тие акции, затоа што парите од продажбата на тие акции ќе одат во стечајната маса на Алта банка во Србија. Сето тоа не е возможно, како што најавува гувернерот, иако знаеме дека сака за да се обиде да ги забошити сите овие работи да се случи за десетина дена”, рече Филипче.

Претседателот на СДСМ, нагласи дека граѓаните имаат право да знаат и зошто се брза со продажбата, нагласувајќи дека наместо штедачите, пензионерите и работниците се соочуваат со проблеми да дојдат до сопствените пари, власта го штити капиталот на криминална банка.

„Сега не им дозволуваат ниту Трајко, ниту Христијан да си дојдат луѓето до своите пари. Зошто? За да го зачуваат капиталот на криминалната банка. Ете тоа прават. Не им дозволуваат на луѓето, на штедачите, на пензионерите, на работниците да стигнат до своите средства поради нивните лоши одлуки”, рече Филипче.

 

Back to top button
Close