Кузеска: Да се вклучи и европското обвинителство за да се провери текот на сите пари за Алта банка
Во Владата, се главните виновници кои дозволија Алта банка да влезе во Македонија со сомнителен капитал, рече денеска на прес-конференција, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Таа додаде дека СДСМ уште пред една година предупредил за Алта банка дека е прорежимска банка, како што рече, создадена од криминалните кланови и пералницата на пари на Вучиќ. Сега народот, рече, пати и не може да дојде до своите пари.
-А, овие во Владата лажат, си ја префрлаат одговорноста за да се спасат и пробуваат да го заташкаат скандалот. Трајко Славески вели имало консултации, Кочоска вели немало и не била информирана. Штом зинат – лажат. Еве го записникот од седницата на Владата од 23 септември 2025 година, на предлог на Кочоска. Владата на Мицкоски носела заклучоци за преземање акции од страна на Алта банка АД – Белград на 16 јавни институции. Мицкоски и Славески ја внесоа Алта банка во Македонија со сомнителен капитал, сега под стечај, без лиценца, под истрага за криминал, а Владата на Мицкоски на истиот Давор Мацура му овозможила да се стекне со поголем пакет акции на сметка на државата. Внимавајте, акции од државни претпријатија се нудени во интерес на Мацура и Алта банка – рече Кузеска.
Таа истакна дека денеска луѓето не можат да си дојдат до своите пари. Редици, гужви, нервозни граѓани, неизвесност. И за ова, рече, мора да има одговорност.
-Сега тие што ги носеа штетните одлуки што овозможија влез на Алта банка, најавуваат продажба на нов сопственик. Целта е да се заташка работата, да не се открие криминалот. Кој би сакал да земе банка со ваква репутација и банка која е и под сомнеж на потекло на капиталот? Власта врши притисок врз потенцијални купувачи, една странска, од пред некој ден и една домашна банка. Бараме Основното јавно обвинителство да не чека и да не се правда дека има време. Нема време, се доцни веќе 11 месеци. Веднаш да отвори истрага и за Мицкоски, и за Славески, и за Кочоска. Да се вклучи и европското обвинителство, за да се провери текот на сите пари за Алта банка. Сите вмешани во скандалот со Алта банка да одговараат – нагласи Кузеска.
На новинарско прашање, дали имаат разговарано со претставници на платформата 12.05, околу нивното соопштение во врска со решавање на прашањето на Македонија кон европскиот пат и нивниот предлог за државен план, таа одговори дека платформата прво треба да реши која и е целта.
-Финалната цел – и тоа јавно да го откријат пред граѓаните. Предлозите што се нудат ги слушаме, ги слушаме и сите оние работи што откриваат кои се стои позади таа платформа и ставот околу тоа веќе сме го кажале и повеќепати – додаде Кузеска.






