(ВИДЕО) Фрчкоски: За Алта банка Мицкоски прво нека го повика Обвинителството во својата канцеларија, па кај Славески
Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски, на денешната прес-конференција порача дека за скандалот со Алта банка, Мицкоски прво треба да го повика Обвинителството во својата канцеларија во Владата, па потоа да ги упати кај гувернерот Славески во Народната банка. Фрчкоски посочи дека наместо да го користи Обвинителството како средство за политички притисок врз опозицијата, Мицкоски треба да објасни што се случувало со Алта банка и какви интереси стојат зад нејзиното влегување во Македонија.

„Затоа, кога Христијан Мицкоски го повикува обвинителството, прво нека го повика во својата канцеларија, кај себе во Владата. Потоа може да ги упати и кај Трајко Славески, во Народната банка. Нека кажат што им донесе Вучиќ. Банка за перење пари од криминал и од корупција”, рече Фрчкоски.
Фрчкоски посочи дека токму Мицкоски и Славески ги имале сите информации и податоци за Алта банка, а сепак го овозможиле нејзиниот влез.
„Тие ги имале сите податоци на маса, сите информации, и сепак го дозволиле или овозможиле влезот на „Алта банка” во македонскиот финансиски систем”, рече Фрчкоски.
Воедно, тој нагласи дека доколку Мицкоски веќе го споменува членот 315 од Кривичниот законик и зборува за саботажа и загрозување на уставниот поредок, тогаш треба знае што значи тоа правно.
„Кога Мицкоски зборува за „саботажа” и „загрозување на уставниот поредок” по Член 315 од КЗ правно да му објасниме која е вистината. Законското битие на делото подразбира дејствие кое мора да произлегува од злоупотреба на работното место/обврската што едно лице ја има кон субјектот што се оштетува, со намера да се сруши уставниот поредок. СДСМ нема никакви извршни функции во институциите врзани со влезот на Алта за да можат да ги саботираат одвнатре. Ниту нашите јавни прес-конференции кои претставуваат транспарентно политичко дејствување се акт против државата. Бидејќи „саботажа” произлегува од злоупотреба на работното место или обврската што одредено лице ја има кон субјектот што се оштетува, тогаш повторно доаѓаме до Мицкоски и Славески”, рече Фрчкоски.





