КОЈ СЕ ПЛАШИ ОД ИСТРАГА ВО НАРОДНАТА БАНКА

Колумна на Трифун Костовски
Почитувани читатели,
Во секоја правна држава постои можност институциите да постапат и по допрен глас, кога во јавноста се појавуваат сериозни сознанија кои заслужуваат институционална проверка. За жал, во нашата држава сè почесто се наметнува впечатокот дека овој механизам не секогаш функционира таму каде што најмногу е потребен. Не сакам да ги повредам и навредам луѓето кои чесно и професионално работат во правосудните институции. Секоја чест на исклучоците, токму поради нив сметам дека мора јавно да зборуваме за слабостите на системот, бидејќи кога институцијата јавно ќе ја изгуби довербата, дамката паѓа и врз оние чесни професионалци кои работат за неа.
Веќе шест и пол години пишувам за стечајот на Еуростандард банка и шест и пол години поставувам исти прашања. Врз основа на фактите кои во меѓувреме излегоа на виделина, моето прашање е уште погласно:
ДАЛИ ЕУРОСТАНДАРД БАНКА НАВИСТИНА МОРАШЕ ДА ОДИ ВО СТЕЧАЈ?
Не можам да разберам зошто институциите толку долго бегаат од целосна проверка на одлуката која ја промени судбината на банката, нејзините акционери, вработени, клиенти и доверители. Вистината за стечајот на Еуростандард банка, според мене, сè уште не е откриена. Повеќе од шест години барам Основното јавно обвинителство, а особено Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, да отвори сериозна истрага за самата постапка и документите во Народната банка кои доведоа до одземањето на дозволата. Не барам некој однапред да биде прогласен за виновен. Барам да се истражи одлуката! Тоа е суштинската разлика. Не можам да разберам како со години се води постапка, која во голема мера се потпира на одлука донесена од Народната банка, а притоа токму таа одлука и фактите врз кои била заснована да не бидат предмет на темелна институционална проверка.
АКО ОДЛУКАТА БИЛА ИСПРАВНА, ИСТРАГАТА ЌЕ ГО ПОТВРДИ ТОА. АКО НЕ БИЛА, ДРЖАВАТА МОРА ДА ЗНАЕ
Со години укажувам на една исклучително сериозна околност за стечајот на банката. На 12 август 2020 година Народната банка ѝ ја одзема дозволата за работа на Еуростандард банка повикувајќи се, меѓу другото, на негативна адекватност на капиталот. Непосредно по отворањето на стечајот, само два дена подоцна податоците кои произлегуваат од стечајната документација, според анализите со кои располагам, покажаа сосема поинаква финансиска слика. Токму затоа прашувам:
Како е можно финансиската состојба на една банка во рок од само два дена адекватноста на капиталот , објавена од Народна банка да биде минус 4%, а стечајниот извештај да покаже адекватност на капиталот од блиску 7% плус. За два дена дијаметрална разлика во поглед фундаменталната причина за носење на банката во стечај.
Кој податок бил точен од Народна банка, кој го пресметал, врз основа на кои документи и дали тие документи денес се проверени од независна институција како ОЈО ГОКК?
Тоа не се политички прашања туку прашања за Обвинителството.
Денес, после шест години имаме уште една нова реалност. Стечајната маса на Еуростандард банка континуирано се полни, се наплатуваат побарувања, се намируваат доверители и според досегашниот тек на стечајната постапка, сè појасно се отвора прашањето дали конечната финансиска слика воопшто одговара на онаа врз која во 2020 година беше создадена перцепцијата за состојбата во банката. Повторно и повторно, не барам некој да ми верува мене, барам институциите да ги отворат документите и да ја утврдат вистината.
Наместо тоа, шест години имам чувство дека се истражува последицата, а не причината, се истражуваат луѓето околу банката.
Кога ќе се истражи одлуката која ја испрати банката во стечај, кога ќе се утврди суштината?
ШЕСТ ГОДИНИ СЕ ИСТРАЖУВА ЕУРОСТАНДАРД И КРАЈНО ВРЕМЕ Е ДА СЕ ИСТРАЖИ И ОДЛУКАТА од Народна банка ЗА ЕУРОСТАНДАРД
Деновиве е избран нов раководител на ОЈО ГОКК. Почитувана госпоѓо Хаџи Василева, Вашата функција не е само позиција туку огромна одговорност пред законот и уште повеќе пред граѓаните. Не дозволувајте чесни луѓе со години да живеат под товар на постапки доколку фактите не ги потврдуваат сомнежите против нив. Но истовремено, не дозволувајте ниту една институција да биде поштедена од проверка само затоа што е институција. Народната банка не смее да биде недопирлива, исто како ни Обвинителството, ниту кој било носител на јавна функција.
Во правна држава нема недопирливи. Има само факти, докази и одговорност.
Затоа јавно ве повикувам да ги употребите сите законски можности кои ви стојат на располагање, побарајте ја документацијата, испитајте ги одлуките, пресметките и испитајте кој, кога и врз основа на што ја донел одлуката со која на Еуростандард банка ѝ беше одземена дозволата за работа.
Ако сè било законски, професионално и правилно, тогаш тоа ќе биде најдобрата одбрана на Народната банка, а ако не било, тогаш Македонија има право да ја знае вистината.
По шест и пол години, барам темелна истрага за случајот Еуростандард банка, затоа што без вистина нема доверба, без доверба нема институции, а без институции нема правна држава.
Допрениот глас одамна се слуша. Сега е ред институциите да проговорат по допрениот глас.
Јас продолжувам.






