Викенд-ограничувањата на платежните трансакции во различни термини – проверете кога почнуваат прекините на услугите

Граѓаните и компаниите треба навреме да ги планираат своите плаќања, бидејќи денес и утре (7 и 8 ноември) се можни привремени прекини и ограничувања на дел од банкарските услуги. Причината се техничките прилагодувања што банките ги спроведуваат поради воведувањето нови стандарди во денарскиот платен промет, кои почнуваат да се применуваат од понеделник, 9 ноември, информира Македонската банкарска асоцијација.
Ограничувањата главно се однесуваат на платежните трансакции, а секоја банка одделно ги објавува точните термини и услугите што се засегнати. Од Асоцијацијата ги повикуваат корисниците навреме да ги завршат планираните плаќања и да ги следат известувањата од своите банки.
Од Стопанска банка Скопје информираат дека денес налози преку е-банкарството ќе можат да се креираат до 14 часот. По овој термин нема да биде можно креирање налози ниту за тековниот ниту за иден датум. Ограничувањето ќе продолжи и утре, сè до повторното воспоставување на системот на 9 ноември.
Од банката нагласуваат дека платежните картички ќе останат целосно функционални. Клиентите непречено ќе можат да плаќаат на ПОС-терминали и да подигнуваат или уплаќаат готовина преку банкоматите.
Ограничен пристап до дигиталните услуги најави и НЛБ банка. Од денеска во 10 часот, па во текот на целиот викенд, интернет- и мобилното банкарство ќе бидат со ограничена достапност.
Во овој период целосно ќе бидат недостапни уплатите на банкоматите, но подигнувањето готовина ќе се одвива непречено. Клиентите ќе можат да ги користат платежните картички за плаќања на ПОС-терминали во трговската мрежа, како и за интернет-плаќања.
Од понеделник, 9 ноември, почнува примената на новите платни налози, шифрите за целта на плаќањето и користењето платежни сметки во ИБАН-формат. Постојните броеви на сметките остануваат непроменети, а банките автоматски ќе го приспособат нивното прикажување во новиот формат во електронското и мобилното банкарство.
Од Македонската банкарска асоцијација појаснуваат дека станува збор за однапред планирани технички активности, кои се дел од процесот на модернизација на националниот платен промет. објави Скопје1.мк






