„Вашингтон пост“ тврди дека Десантис ќе се кандидира за Белата куќа во 2028, гувернерот демантира

Гувернерот на американската сојузна држава Флорида, Рон Десантис, се подготвува во 2028 година повторно да се кандидира за претседателската номинација на Републиканската партија, јави „Вашингтон пост“, но Десантис веднаш демантираше.
Весникот тоа го објави вчера, повикувајќи се на три неименувани упатени лица, а Десантис во објава на X наведе дека со никого не контактирал во врска со кандидатура за каква било функција.
Според весникот, Десантис контактирал со најмалку еден политички консултант за да го разгледа неговото вклучување во можната предизборна кампања. Весникот исто така наведува дека политичкиот комитет на Десантис за независно политичко дејствување оваа недела испратил СМС-порака во која повикувал на донации.
„’Вашингтон пост‘ ова го измислува од почеток до крај. Не сум контактирал со никого во врска со кандидатура за каква било функција. Уште еден мизерен обид да се привлечат кликови“, напиша Десантис, наведувајќи дека весникот секако користи анонимни извори.
Весникот наведе дека внел измени за да ја вклучи изјавата на Десантис во која тој ги оспорува наводите дека ќе се кандидира за претседателската номинација на Републиканската партија во 2028 година.
Десантис се откажа од претседателската кампања во 2024 година непосредно пред партиските избори во Њу Хемпшир, откако освои второ место на партиските избори во Ајова со 21,3 проценти од гласовите, што беше далеку зад Доналд Трамп кој освои повеќе од 50 проценти од гласовите.






