Раководителка на штедилница во Кавадарци осомничена дека отворала лажни кредити и ги присвојувала парите на штедачите


Основното јавно обвинителство Кавадарци поведе постапка против раководителка на филијала на штедилница во градот, поради сомневања дека подолг период ги злоупотребувала паричните средства на граѓаните што имале депозити во установата.

Според Обвинителството, постои основано сомнение дека осомничената реализирала фиктивни кредити на име на оштетени граѓани и неправилно ги евидентирала нивните депозити, со што прибавувала противправна имотна корист.

Против неа се води постапка поради сомневања за злоупотреба на службената положба и овластување, оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем, како и проневера во службата.

За обезбедување докази, вчера биле извршени повеќе претреси со судска наредба, по барање на јавниот обвинител. Притоа биле одземени документација и други предмети поврзани со случајот.

Откако биле откриени сомнителните дејствија, штедилницата ѝ го прекинала работниот однос на осомничената.

Поради опасност од бегство, јавниот обвинител предложил определување мерки на претпазливост, меѓу кои одземање на патната исправа и обврска за редовно јавување во судот.

Од Обвинителството информираат дека продолжуваат со преземање дејствија за целосно испитување на случајот.

Back to top button
Close