Премиерката на Исланд нагласи дека нема потреба од постојано присуство на американски трупи


Исланд не гледа потреба од обновување на постојаното присуство на
американските воени сили на својата територија, бидејќи ротациското распоредување на сојузничките трупи во рамките на НАТО обезбедува доволни безбедносни гаранции во услови на зголемени геополитички тензии, изјави денеска исландската премиерка Кристин Фростадотир.

– Многу сме отворени за доаѓање на дополнителни сојузнички сили во Исланд во рамките на НАТО, чиј дел сме, така што не сметам дека сме во ситуација во која ни е потребно постојано воено присуство – рече Фростадотир во интервју за телевизијата Блумберг, одговарајќи на прашањето дали американските војници еден ден би можеле повторно да бидат стационирани во воздухопловната база Кефлавик.

Таа наведе дека Исланд последниве години има стабилни односи со Вашингтон, но дека настојувањето на американскиот претседател Доналд Трамп да преземе контрола врз Гренланд претставувало тежок момент за земјата. Сепак, како што оцени таа, една од позитивните последици од таа ситуација е зголеменото внимание на меѓународната заедница кон Арктикот.

– Ќе продолжиме да разгледуваме дополнителни договори и можности за соработка со Соединетите Американски Држави – рече исландската премиерка.

Таа изјави дека владата неодамна ја иницира новата државна компанија „Тунел и мост“, задолжена за реализација на големи инфраструктурни проекти. Исланд, според неа, исто така сака да привлече инвестиции во изградба на дата-центри и други индустриски капацитети кои можат да го користат изобилството од хидроенергија и геотермална енергија со кои располага земјата.

– Луѓето мора да видат дека работите се реализираат и дека нешто се гради – рече Фростадотир.

Исланд, кој има околу 400.000 жители и нема сопствена армија, се потпира на безбедносните аранжмани со САД и НАТО. Американските сили беа постојано присутни на островот до 2006 година, кога беа повлечени во рамките на поширокото намалување на американското воено присуство во странство.

Исланд се наоѓа на стратешки важна положба во северниот Атлантик, во рамките на таканаречениот ГИУК коридор, кој го опфаќа морското подрачје меѓу Гренланд, Исланд и Велика Британија.

Back to top button
Close