Одземен пасошот на осомничениот за нападот врз бизнисменот Зоран Азманов, доби и забрана за приближување

На 61-годишниот маж осомничен за физичкиот напад врз познатиот македонски бизнисмен Зоран Азманов во Основниот граѓански суд во Скопје му се определени мерки на претпазливост, дознава Скопје1.

Прифатен е предлогот за определување три мерки – одземање на патната исправа, обврска за редовно јавување кај надлежен орган и забрана за приближување.

Мерките следуваат по инцидентот што се случи вчера во Основниот граѓански суд во Скопје, каде што Азманов, кој е директор и претседател на Надзорниот одбор на градежната компанија „Настел“, бил физички нападнат во судница додека траел судскиот процес.

Од Министерството за внатрешни работи претходно за Скопје1 потврдија дека нападот бил пријавен на 6 ноември во 09:47 часот.

„На 06.11.2026 во 09:47 часот во СВР Скопје пријавено е дека во Основен граѓански суд З.А.(67) бил физички нападнат од Ѓ.С.(61). Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопштија од МВР.

Според неофицијалните информации на Скопје1, инцидентот се случил за време на судење, но засега не се познати причините што му претходеле на физичкиот напад, ниту степенот на евентуалните повреди на Азманов од ќотекот што го добил.

Со определените мерки, на осомничениот му се ограничува можноста за патување и приближување, а истовремено се обезбедува неговата достапност за надлежните органи во понатамошната постапка.

Back to top button
Close