Мерц ги повика сите земји членки на ЕУ да учествуваат во финансирањето на Украина

Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска изјави дека сите земји членки на Европската Унија треба да учествуваат во поддршката на Украина и оти не треба да се намали помошта за Киев.
Неговата изјава уследи откога дел од земјите членки на ЕУ не се согласуваат со идната финансиска рамка на Унијата.
Мерц се залага новиот повеќегодишен буџет на ЕУ, кој ќе стапи во сила во 2028 година, да се фокусира на зголемување на трошоците за одбрана и зголемување на конкурентноста. Во исто време, тој сака сите земји членки да придонесат за финансирање на Украина откога неколку земји одбија да се приклучат на заемот за Киев, договорен минатата година.
Мерц испрати писмо и до претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, во кое истакнува дека сите земји од ЕУ треба да учествуваат во финансирањето на Украина. Целта е да се помогне во покривањето на очекуваниот дефицит од 70 милијарди евра во буџетот на Украина до 2027 година, при што ЕУ треба да обезбеди 45 милијарди евра од таа сума.
Премиерот на Словачка Роберт Фицо денеска го обвини Мерц за „уцена“, бидејќи ја поврзува финансиската помош за Украина со преговорите за буџетот на ЕУ.
– Нè очекуваат тешки преговори за буџетот во рамките на Европската Унија. Треба целосно да ја интегрираме нашата политика кон Украина во буџетот на ЕУ. Свесен сум дека постојат разлики во мислењата за ова прашање. Најмалку четири земји членки имаат различен став, изјави Мерц на заедничката прес-конференција со унгарскиот премиер Петер Маѓар во Берлин.
Фицо постојано ја критикува политиката на ЕУ кон Украина и се спротивставува на обезбедувањето воена помош на Киев.
ЕУ во декември минатата година постигна договор за обезбедување заем од 90 милијарди евра за Украина. Словачка, Чешка и Унгарија одбија да учествуваат.
Маѓар изрази резерви за поврзување на европскиот буџет со други политички прашања.
– Не би го нарекол ова уцена и не би користел такви зборови, бидејќи во денешниот свет сè е меѓусебно поврзано. Сепак, мислам дека таков пристап не мора нужно да испраќа добра порака до светот, истакна Маѓар.






