Лавров изјави дека Русија не може да се согласи на итен прекин на огнот во Украина без да знае што ќе следи потоа
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Русија не може да се согласи на итен прекин на огнот во Украина без да знае што ќе следува потоа.
– Би било поразумно прво да се разговара за параметрите на идната безбедносна архитектура во Европа, а дури потоа да се разгледа прашањето за прекин на огнот во Украина – рече шефот на руската дипломатија.
Притоа тој мислеше на трилатералните разговори во Абу Даби во кои учествуваат Русија, Украина и САД.
– Идејата за дефинирање јасни параметри за безбедносна архитектура, а дури потоа преминување кон решавање на руско-украинскиот конфликт, е сосема разумна – им рече Лавров на новинарите во Москва.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, вчера изнесе спротивен став. Според неа, пошироки безбедносни преговори може да се водат дури откако ќе се постигне прекин на огнот. Лавров го отфрли ова, тврдејќи дека Европејците едноставно се обидуваат да ѝ овозможат на Украина „кратко да здивне“.






