Расте бројот на загинати во верижниот судир на автопатот „Тракија“: Во болница почина 50-годишен маж
Бројот на загинати во тешките верижни судири на автопатот „Тракија“ во Бугарија се искачи на 12, откако уште еден од повредените им подлегна на повредите во болницата „Д-р Иван Селимински“ во Сливен.

Станува збор за 50-годишен маж, кој починал утрово на одделението за интензивна нега. Информацијата за бугарската телевизија „НОВА“ ја потврди директорот на болницата, д-р Васислав Петров.
И покрај напорите на лекарскиот тим и извршените хируршки интервенции, пациентот не успеал да се избори со тешките повреди здобиени во несреќата.
Од медицинската установа информираат дека состојбата на останатите повредени лица кои се лекуваат во болницата е стабилна.
Тешките сообраќајни несреќи се случија во вторникот наутро во услови на густа магла на автопатот „Тракија“, кај клучката „Зимница“, во близина на Јамбол, а во нив учествуваа вкупно 86 возила.






