Трактор купен со субвенции исчезнал, пчелари пријавувале стотици непостоечки семејства – инспекторите излегоа на терен

Теренските контроли на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР) утврдија сериозни неправилности при користењето на државните субвенции и инвестиции во Охридско-струшкиот Регион. При екс-пост контрола во струшкото село Биџево, инспекторите не пронашле трактор набавен во 2023 година преку Програмата за рурален развој, ниту во дворот на стопанството, ниту на пријавените ниви.

Според изјавите на присутните, машината била дадена на користење на друго лице, а во Агенцијата пристигнале и писмени дојави дека тракторот е продаден. Од АФПЗРР потсетуваат дека секој корисник има договорна обврска најмалку пет години да ја користи инвестицијата исклучиво за сопственото стопанство, без да ја отстапува или отуѓува.

Неправилности се откриени и при проверките кај пчеларите. Кај еден корисник, кој пријавил 50 пчелни семејства, на терен не било затекнато ниту едно, а утврдено е дека нема ниту регистарски број на одгледувалиште. Кај друг пчелар, од пријавени 600 пчелни семејства, биле пронајдени само 190 и десет празни сандаци, додека останатите 400 не постоеле, информираше директорката на Агенцијата, Даниела Иротова Лазарева.

Таа најави дека контролите ќе продолжат континуирано, и пред и по исплатата на средствата, со цел да се спречат злоупотребите.

„Нема селективност и нема привилегирани. Обврска на Агенцијата е да ги заштити чесните земјоделци и да обезбеди јавните средства да се користат за вистинско земјоделско производство“, истакна директорката, нагласувајќи дека „пријавеното на хартија мора да постои и на терен“.

Back to top button
Close