Полицајците не ѝ помогнале на Ива Михаилова да избега, ја нема на ниту една камера на граничните премини, тврди Тошковски
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека досегашната истрага за бегството на обвинетата Ива Михаилова не покажала дека таа била регистрирана при преминување на македонската граница, ниту пак е забележана на безбедносните камери во земјата во критичниот период.

Во интервју за „Сител“, Тошковски посочи дека ниту еден од безбедносните системи не го евидентирал нејзиното движење од вечерта кога била видена во угостителски објект во Кочани до моментот кога се појавила во бугарските медиуми. Според него, и бугарската гранична полиција првично потврдила дека нема податоци за нејзино влегување или излегување од земјата во текот на 2026 година.
Осврнувајќи се на наводите за можна вмешаност на полициски службеници во нејзиното бегство, министерот рече дека досега нема сознанија што би укажале на таква одговорност. Тој нагласи дека Михаилова редовно ги почитувала обврските за пријавување во термините утврдени со судска одлука сè до моментот на бегството, но дека државата ја напуштила надвор од официјален граничен премин.
Тошковски оцени дека најважно е да се утврди на кој начин таа ја напуштила Македонија без да биде евидентирана. Според досегашните сознанија, нема основа за утврдување одговорност кај полициските службеници на граничните премини или во Полициската станица во Кочани.
Во интервјуто, министерот упати критики и кон Бугарија, тврдејќи дека таа со години обезбедува засолниште за лица осомничени или осудени за криминал во Македонија. Како пример го посочи таткото на Михаилова, кој е осуден за обид за убиство и претходно избегал во Бугарија. Според Тошковски, двајцата престојуваат во соседната земја бидејќи поседуваат бугарски пасоши.






