За камионите да не избегнуваат патарина, ќе се воведува електронска наплата на регионалните и магистралните патишта

За камионите се планира воведување електронска наплата на патарини преку портали што ќе се постават на регионалните и магистралните патишта, најави директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Коце Трајановски. Од оваа наплата, Трајановски вели дека ќе бидат изземени автомобилите, автобусите и другите возила.
Трајановски вели дека наплатата ќе се регистрира преку тагови и со читање на регистарските таблички.
Идејата за ова, како што вели, е веќе да не се дозволува камионите со возење по регионални патишта да избегнуваат да платат патарина.
Трајановски даде и образложение зошто ова се воведува само за камионите. Примерот што го даде се однесува на регионалниот пат од Маџари за Идризово. Вели дека камионите најчесто се исклучуваат на клучката кај Кадино и Идризово и потоа возат покрај Петровец, за кај Катланово повторно да се вклучат на автопат.
„На овој начин ја избегнуваат наплатната станица ‘Петровец’, но освен тоа ја нарушуваат безбедноста во населените места и ги оштетуваат патиштата“,
рече Трајановски во денешното гостување во емисијата „Аргумент“ на Телевизија 24.
Тој објасни дека наплатата ќе оди со читање тагови исто како што тоа сега се прави на брзите ленти на патарините.
„Ќе мора секој камион да купи тагови. Ако не купува тагови, наплатата ќе биде преку регистарската табличка. Во фаза на размислување е дали ќе плати исто или поскапо, што ќе му дојде нешто како казна“,додаде тој.
Според студијата што ја имаат направено со Електротехничкиот факултет, со броење возила на повеќе делови, Трајановски вели дека Јавното претпријатие годишно губи по 20 милиони евра од избегнување патарини.
„На овој начин ќе се зголеми приходот иако тоа не е најважно, ќе ги заштитиме патиштата што се оштетуваат, ќе ја зголемиме безбедноста и проточноста. И не е само тие 20 милиони евра што ги губиме, туку дополнително треба да инвестираме во реконструкција на тие патишта“,додаде тој.
Објасни дека во студијата што ја имаат подготвено е точно предвидено на кои локации ќе се постават тие портали. Во однос на сумата што ќе се потроши за нив рече дека не ја знае точно бидејќи сѐ уште е во фаза на евалуирање.
„Во секој случај, она што го заштитуваме во однос на она што ќе го потрошиме ќе биде далеку помалку. Во една година што ќе добиеме, сигурно дека таа сума ќе биде помалку од пола“,рече Трајановски.






