Апсења во Србија и во Словенија: Компании за превоз користени како параван за шверц на дрога
По заедничка операција на обвинителствата и полициските служби на Србија и Словенија, уапсени се членови на група за организиран криминал.

Групата се сомничи дека основала меѓународни транспортни компании во Хрватска, Унгарија, Словачка и Србија, кои потоа биле користени за шверц на дрога, соопшти синоќа Министерството за внатрешни работи (МВР) на Србија.
Во Србија се уапсени три лица, на возраст меѓу 23 и 54 години, под сомнение за производство и продажба на дрога. Словенечката полиција уапси тројца мажи, државјани на Србија, Словенија и Босна и Херцеговина, на возраст меѓу 34 и 44 години, кои се сомничат дека се дел од истата криминална група, додека две други лица се сè уште недостапни за органите на прогонот.
Според сомневањата, осомничените основале меѓународни транспортни компании во Хрватска, Унгарија, Словачка и Србија, при што на овие фирми регистрирале камиони кои подоцна биле користени за шверц на дрога. Во кабините на камионите биле вградени специјално изработени скриени прегради за криење на дрогата, додека товарните простори се користеле за превоз на легална стока.
Од српското МВР исто така наведоа дека, во втората половина на 2025 година, во Франција биле уапсени двајца возачи, обајцата државјани на Србија. Тие се сомничат дека, користејќи ги камионите, шверцувале дрога од Шпанија за потребите на оваа криминална група






