Сашко Кедев влезе во Гинисовата книга како највозрасен човек во светот кој ги искачил сите 14 врва над 8 000 метри


Македонскиот кардиолог и планинар Сашко Кедев е запишан во Гинисовата книга на рекорди како највозрасен човек кој стигнал до највисоката точка на сите 14 планини во светот повисоки од 8 000 метри. Кедев имал 63 години и 14 дена кога на 20 јули 2025 година се искачил на Гашербрум I во Пакистан. Со искачувањето на овој врв, висок 8 080 метри, стана и првиот Македонец кој ги искачил сите 14 врва над 8 000 метри.

Прв на неговата листа беше највисокиот врв на светот, Монт Еверест, на кој Кедев се искачи на 19 мај 2009 година. Во јули 2022 година, во растојание од само една недела, ги искачи К2 и Броуд Пик. Во 2024 година стигна до четири врва, а за последната година му останале уште два. На Канченџунга се искачи на 23 мај 2025 година, неполни два месеца пред завршното искачување на Гашербрум I.

За оваа категорија Гинисовата книга признава искачувања до вистинскиот врв, односно до највисоката природна точка на секоја од 14. планини. Оваа разлика е важна бидејќи на некои планини има повеќе блиски точки кои од теренот тешко се разликуваат по висината. Искачувањата на Кедев ги потврдил Еберхард Јургалски, консултант на Гинис за планинарски рекорди.

Гинис му припишува на Кедев уште едно постигнување. Тој е и највозрасниот човек кој ги исполнил двата планинарски предизвика – ги искачил сите 14 врва над 8 000 метри и највисокиот врв на секој од седумте континенти. Континенталната седумка ја заокружи уште во 2011 година, со искачувањето на Пунчак Џаја во Океанија.

Back to top button
Close