Ново правило во Грција: дата-центрите ќе мора да им плаќаат надомест на граѓаните
Грција воведува нов закон со кој се регулира приклучувањето на дата-центрите на електроенергетската мрежа и нивната потрошувачка на струја, а инвеститорите ќе мора годишно да им исплаќаат по 20.000 евра на локалните заедници. Од вкупниот износ, 75 отсто ќе добиваат општините, а останатите 25 отсто ќе им бидат наменети на индивидуалните потрошувачи.

Со оваа мерка, грчката влада сака да ја зголеми поддршката на јавноста за изградбата на дата-центри, преку директни финансиски придобивки за заедниците во кои се наоѓаат ваквите објекти. Сличен модел на годишни надоместоци веќе се применува и кај објектите за производство на енергија од обновливи извори.
Новиот закон, кој ги регулира и приклучувањето на дата-центрите на електроенергетската мрежа и нивната потрошувачка, предвидува најмалку 60 отсто од потребната електрична енергија да потекнува од обновливи извори.
Дозволено е и дел од потребите да се покриваат со струја увезена од странство, што е важно и за планираниот електроенергетски проект ГРЕГИ (GREGY) меѓу Грција и Египет.
Интересот за изградба на дата-центри во Грција расте, а потенцијалните инвестиции во секторот се проценуваат на околу 10 милијарди евра.
Двата главни оператори на електроенергетската мрежа досега добиле барања за приклучување на објекти со вкупна моќност од 11 гигавати, повеќе од двојно во споредба со петте гигавати регистрирани на почетокот на годинава.
Сепак, брзиот развој на секторот отвора и прашања за обезбедувањето доволно електрична енергија, оптовареноста на мрежата и за можните последици врз цените на струјата за домаќинствата. Заменик-претседателот на операторот ИПТО, Јоанис Маргарис, како едно од можните решенија ги посочи флексибилните дата-центри, кои би ја приспособувале потрошувачката на струја во зависност од состојбите на пазарот.






