„Не ме интересира што функции имаат неговите, ниту од која партија се!“: Зајкова бара охриѓанецот кој претепа девојка да одговара за обид за убиство
Претседателката на ЛДП и пратеничка во Собранието, Моника Зајкова, остро реагираше по случајот со бруталното насилство врз младата Сара од Охрид, повикувајќи ги надлежните институции да постапат без никакви привилегии и да утврдат одговорност за сите инволвирани.

Повод за нејзината реакција се информациите дека членови на семејството на осомничениот наводно се обиделе да влијаат врз случајот и да го прикријат настанот.
„Да не ви паднало на памет да ги штитите!!!“, порачува Зајкова, барајќи осомничениот да одговара за обид за убиство, а лицата кои, според сведочењата, му давале инструкции по нападот да понесат одговорност за помагање.
Таа посочува дека не треба да има значење какви функции извршуваат членовите на неговото семејство, ниту на која политичка партија припаѓаат.
„Не ме интересира што функции имаат неговите, ниту од која партија се! Девојката можеше да заврши како следна жртва на фемицид!“, напиша пратеничката во објавата на социјалните мрежи.
Зајкова бара институциите да го истражат случајот и да обезбедат одговорност за сите за кои ќе се утврди дека учествувале во прикривање или помагање по насилството.




