„Никој не е над законот и сите институции мора да постапат во согласност со законите“, велат од ВМРО-ДПМНЕ за насилството врз младата девојка од Охрид
ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение остро го осуди насилството врз младата девојка од Охрид и побара целосно расчистување на случајот, детална истрага и одговорност за сите инволвирани. Од партијата порачуваат дека никој не е над законот и дека институциите мора да постапуваат во рамките на своите надлежности.

Во реакцијата, ВМРО-ДПМНЕ изразува поддршка за Сара и нејзиното семејство, повикувајќи на итна и решителна реакција во заштита на жртвите на насилство и правната држава.
„За насилството врз жените нема и нема да има место во Македонија“, наведуваат од партијата, барајќи надлежните институции да ги преземат сите неопходни мерки за сторителот да биде изведен пред лицето на правдата.
Од ВМРО-ДПМНЕ упатуваат и критики до Обвинителството, тврдејќи дека откако МВР го обезбедило осомничениот, надлежниот јавен обвинител го пуштил на слобода со мерки на претпазливост. Партијата оценува дека станува збор за скандалозно постапување за кое мора да има одговорност.
Дополнително, предупредуваат дека доколку постојат индиции за обид за заташкување на случајот или незаконско влијание врз постапката, сите инволвирани мора да одговараат.
Од партијата најавуваат дека ќе бараат одговорност и од сите институции и службени лица кои нема да постапат согласно законите.
„Ниту еден случај на насилство врз жените не смее да помине неказнето“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.





