Ќе се проверува дали родителите на насилникот од Охрид пробале да влијаат со својата положба, за да добијат поповлен исход од постапката за претепаната девојка

Основното јавно обвинителство Охрид итно постапува за целосно расветлување на случајот со претепаната девојка во Охрид, а од Обвинителството посочуваат дека во испитувањето на настанот влегуваат сите околности, вклучително и прашањата за евентуално влијание врз постапката.

Одговорот следува по новинарско прашање дали обвинителите ги испитуваат или планираат да ги испитаат наводите на родителите на жртвата дека членови на семејството на осомничениот се обиделе да ја искористат својата службена или општествена положба за да влијаат врз исходот на постапката.

Во прашањето беше посочена и можноста Обвинителството, по допрен глас, да ги провери сомнежите за евентуално противзаконито влијание.

„Само што дава изјава државниот обвинител, појасни дека ОЈО Охрид постапува итно и се преземаат сите дејствија за целосно испитување на настанот“, одговорија од Обвинителството.

На дополнителното прашање дали и наводите за можно влијание од семејството на осомничениот се опфатени со целосното испитување, од Обвинителството кусо одговорија

„Во целосно влегува сè.“

Одговорот не прецизира дали веќе се преземени конкретни истражни дејствија против други лица, ниту дали е отворена посебна постапка за евентуално противзаконито влијание.

Back to top button
Close