Полска приведе тројца тинејџери осомничени за подготовка на терористички напад

Полските безбедносни служби привеле тројца малолетници осомничени за подготовка на терористички напад и поврзаност со меѓународно неонацистичко движење. Станува збор за едно 16-годишно момче и двајца 17-годишници, соопшти Томаш Сјемонијак, министер задолжен за работата на специјалните служби во Полска.

Според информациите на властите, двајцата постари малолетници преку апликации за допишување разменувале упатства за изработка на домашни експлозивни направи, импровизирано огнено оружје и пиротехнички средства. Постојат сомневања дека планирале да ги искористат во напад.

При претресот на просториите што ги користел еден од осомничените, припадниците на Агенцијата за внатрешна безбедност (АБВ) заплениле хемикалии погодни за изработка на експлозиви.

По приведувањето, судот им одредил притвор на двајцата 17-годишници, додека 16-годишникот бил упатен во воспитна установа за малолетници.

Апсењата следуваат по нападот што претходно овој месец се случил во Краков, кога вооружен маж на главниот плоштад усмртил шест лица. Полската влада тогаш изнела процена дека напаѓачот можеби бил мотивиран од крајнодесничарска идеологија, што националистичката опозиција го отфрлила.

Истрагата ја води Регионалното обвинителство во Гдањск. Обвинителите работат на утврдување на идентитетот на други лица поврзани со групата, како и на целосниот обем на планираните активности. Засега не бил остварен контакт со правните застапници на осомничените.

Back to top button
Close