АНБ и МВР спречиле терористичка мрежа со шест македонски државјани, подготвувале атентат во Грција
Шест македонски државјани на возраст од 22 до 73 години биле поврзани со мрежа која, според безбедносните служби, подготвувала терористички акт на територијата на Грција.

Акцијата за откривање и спречување на нивните активности ја спровеле Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Министерството за внатрешни работи (МВР).
За случајот информираше директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, кој посочи дека станува збор за лица од Скопје и Куманово, поврзани со странски елементи и прокси-групи.
Од шесте лица, четири биле лишени од слобода во Македонија, едно било уапсено во Грција, додека едно не е достапно за македонските органи на прогонот. Според информациите, тоа лице не се наоѓа на територијата на државата.
При акцијата биле одземени огнено оружје, муниција, телефони, други електронски уреди, како и скици на кои биле означени одредени локации.
Според директорот на АНБ, групата била дел од иранска прокси-мрежа, а нејзините членови имале врски и со криминални структури, вклучително и лица поврзани со нарко-бизнисот. Тој посочи дека станува збор за лица кои биле етаблирани во криминални кругови и преземале подготвителни дејствија за извршување атентат во Грција.
За осомничените веќе се определени мерки. На едно лице му е одреден куќен притвор, за останатите е определен притвор, додека едно лице сè уште не е обезбедено.
Од безбедносните служби информираат дека активностите за откривање на мрежата траеле девет до десет месеци. Одлуката случајот да биде презентиран во јавноста, како што беше посочено, е донесена во духот на транспарентноста, при што се објавени само информации што можат да бидат соопштени.
Притоа беше нагласено дека нема сознанија за можни напади во Македонија поврзани со Иран, ниту информации дека лица од земјава биле потенцијални цели на такви напади






