Јанев за случајот со насилството во Охрид: Внатрешната контрола работи, а полицијата продолжи да обезбедува докази
Полицијата продолжила да обезбедува докази за случајот со претепувањето на Сара Ѓорѓиевска во Охрид и откако судот првично определил само мерки на претпазливост за осомничениот. Дополнителните докази биле доставени до надлежниот обвинител, по што обвинителството побарало, а судот определил притвор. Ова го соопшти директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, кој говореше и за можноста за испитување на непрофесионално полициско постапување.

„За секое непрофесионално полициско постапување, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди интензивно работи и на целиот процес и за цела аномалија навремено јавноста ќе биде информирана“, изјави Јанев.
Тој посочи дека полицијата во случајот со насилството во Охрид поднела кривична пријава и презела активности во рамките на своите надлежности.
„Побаравме максимално што може и што е во рамки на нашите надлежности. Тоа што понатаму обвинителството и судот, односно што барал обвинителот, а што излегло од судот, вчера бевме сведоци дека судот имаше изречено мерки на претпазливост, односно мерки за неприближување, меѓутоа ние не застанавме овде како полиција“, рече директорот на БЈБ.
Според Јанев, полициските службеници продолжиле со документирање на случајот, прибирање дополнителни информации и обезбедување материјални докази.
„Ние работевме на документирање на целокупниот случај, бевме во потреба по нови околности, елементи и материјални докази, каде што подополнително доставено обезбедените докази и доставено известување до надлежниот обвинител, одлуката се промени“, изјави Јанев.
По дополнувањето на доказниот материјал, обвинителството побарало притвор, кој потоа бил определен од судот.
Јанев го осуди семејното насилство и нагласи дека одговорноста за неговото спречување не може да се сведе само на полицијата.






