ССНМ и Телма постигнаа спогодба за случајот на Боби Христов

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Телевизија Телма постигнаа спогодба за случајот на новинарот Боби Христов, кој беше прогласен за технолошки вишок, со која се предвидува негово обесштетување. Спогодбата е постигната по иницијатива на ССНМ за медијација и претставува позитивен пример за решавање на работните спорови преку дијалог, со почитување на работничките права и професионалното достоинство.
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) ги известува синдикалните претставници и членството дека е постигната спогодба со работодавачот ТРД Телевизија Телма ДООЕЛ Скопје во врска со случајот на новинарот Боби Христов, кој беше прогласен за технолошки вишок во рамки на најавената реорганизација и нова систематизација во медиумот.
Со постигнатата спогодба, со која се предвидува обесштетување на Боби Христов, завршува процес во кој ССНМ од самиот почеток активно, принципиелно и во согласност со својата синдикална улога се залагаше за заштита на работничките права, но и за изнаоѓање решение преку дијалог и конструктивен пристап од сите вклучени страни.
Случајот започна со одлуката на Телма за прогласување на Боби Христов за технолошки вишок. ССНМ побара од работодавачот повторно да ја разгледа одлуката, земајќи ги предвид правата на работникот, неговото професионално искуство.
ССНМ побара медијација со работодавачот. Телма ја прифати иницијативата, а во процесот беа одржани две средби, на кои учесниците ги презентираа своите аргументите.
ССНМ го цени конструктивниот однос што беше воспоставен во текот на процесот. Токму ваквиот пристап, овозможи процесот да заврши со спогодба во рамки на Зaконот за работните односи.
Сметаме дека ова е потврда дека синдикалното дејствување, засновано на аргументи и правна поддршка, придонесува за заштита на работничките права.
Медијацискиот процес е позитивен пример за можен дијалог помеѓу сопствениците на медиумите и работниците. Организациските промени, рационализацијата и новите работни процеси се реалност во функционирањето на медиумите, но нивното спроведување треба да биде проследено со одговорен однос кон луѓето, почитување на нивното професионално достоинство.
ССНМ ги охрабрува своите членови и синдикални претставници во секоја ситуација во која се доведени во прашање нивните работнички права, навремено да се обратат до Синдикатот и да не ги решаваат проблемите изолирано, без правна и синдикална поддршка.





