За ВМРО-ДПМНЕ предлог-буџетот 2027 значи економски раст и финансиска стабилност, а за СДСМ – документ без визија, што не нуди развој

Владејачкото мнозинство и опозицијата, и попладнево, на седницата на матичната собраниска комисија ги спротивставија ставовите околу предлог-буџетот за 2027 година. За ВМРО-ДПМНЕ предлог-буџетот претставува продолжување на фискалната консолидација, одржување стабилност на јавните финансии, создавање услови за економски раст и реализација на развојни инвестиции, додека за СДСМ – документ без визија, што не нуди отчетност, ниту развој.
– Буџетот наликува на документ префрлен од Владата до Собранието, без релевантност, визија и план за решавање на проблемите. Не нуди отчетност, развој и раст на платите во јавниот сектор, орбазованието и здравството, ниту ветува политики за генерален раст на платите. Како да дадеме позитивен коментар, кога до денес се собрани околу пет милијари евра за граѓаните, а предвидено е да се потрошат 6,7 милијарди до крајот на годината – рече пратеникот од СДСМ Благој Бочварски.
Тој оцени дека Македонија денес е задолжена повеќе од кога било.

Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ направи споредба меѓу резултатите од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во првите две години.
– Исплатена просечна старосна пензија во првите две години – раст за време на СДСМ вкупно 540 денари, а за време на ВМРО-ДПМНЕ 6.800 денари или 12,6 пати повеќе. Исто така, за 3,15 пати е покачена нето исплатената просечна плата што е разлика од 5.141 денар. Минимална плата за време на СДСМ е 2.427 денари во првите две години, а за време на ВМРО-ДПМНЕ 3.479 денари. Оставете не да работиме, догодина ќе ве поканиме на отворање автопат, на градење трета фаза од пругата кон Бугарија и на активностите за Клиничката бочница, истакна Стојаноски.

Фатмир Битиќи од СДСМ оцени дека реалноста за буџетот е „една милијарда допсени долгови и две милијарди задолжувања“.
-Во 2027 година треба да вратите еврообврзница од 500 милиони евра или 48 отсто од тоа што треба да вратите. Треба да вратите и државни хартии од вредност. Слушаме како градите овие 2,5 години, а кон ММФ враќате 6,4 милијарди, кон ЕБРД 2,2 милијарди, кон Светска банка 3,5 милијарди,… За долг од 46,5 милијарди денари враќате камата од 12 милијарди, за внатрешен долг од 18 милијарди враќате 12 милијарди камати – посочи Битиќи.

Весна Георгиева од ВМРО-ДПМНЕ рече дека работата не завршува со усвојувањето на буџетот, туку токму тогаш, како што напомена, почнува најважниот дел – обезбедување секој планиран денар да биде преточен во конкретен резултат, а секоја најавена инвестиција да стане реалност. Нејзината сопартијка Ели Панова се осврна на правосудниот систем, истакнувајќи дека за судската власт во 2027 година се планирани 3,352 милијарди денари, што, рече, е зголемување за 15,3 проценти. За Јавното обинителство, додаде Панова, се предвидени 965 милиони денари или 8,9 проценти повеќе од 2026 година. Според Душко Иванов, предлог буџетот за 2027 година базира на три принципи, економски раст, финансиска стабилност и подобрување на животниот стандард.
Седницата на собраниската Комисија за финансирање и буџет треба да продолжи утре, во 12:30 часот.






