КАКВА МАКЕДОНИЈА ЌЕ ОСТАВИМЕ ЗАД НАС

Моето децениско животно искуство го чувствувам како привилегија, но истовремено и како обврска. Обврска ми е да проговорам кога гледам работи кои можеме и мораме да ги промениме, ако сакаме достоинствен живот за нашите граѓани и перспектива за генерациите што доаѓаат по нас.

Во изминативе десетина дена пред мене се отворија три суштински теми. На првите две бев непосреден сведок, а третата ме натера уште еднаш да размислам за тоа во кој правец ја водиме нашата држава. На прв поглед се различни области: историјата, здравството и економијата. За мене, сепак, тие зборуваат за истото, а тоа е каков однос имаме кон минатото, кон човекот денес и кон иднината што ја создаваме.

На 13 Ноември го одбележавме Денот на ослободувањето на Скопје од фашистичкиот окупатор. Македонија платила огромна цена за својата слобода. Историските извори зборуваат за околу 24.000 жртви од Македонија во Втората светска војна, а зад секоја бројка стои човечки живот, семејство и жртва без која денес немаше да ја живееме нашата слобода. Настанот организиран од Град Скопје и градоначалникот Орце Ѓорѓиевски беше достоинствен. Но, лично не видов лидери на политичките партии да се поклонат пред споменикот на паднатите борци. Тоа ме натера, едноставно да се запрашам зошто.

Не можеме постојано да зборуваме за национално достоинство, а да не покажуваме благодарност кон луѓето кои ги положиле животите за оваа земја. Националната припадност не се докажува со зборови и пароли. Таа се докажува со почит, паметење и дела. Не смееме да ги заборавиме партизаните, затоа што народ кој го заборава патот до својата слобода лесно може да ја изгуби и вредноста на таа слобода.

Втората тема ја почувствував лично. Деновиве се соочив со бактериска инфекција и морав да побарам помош во приватното здравство. Добив професионална медицинска грижа и благодарен сум за тоа. Но таа помош чинеше многу и веднаш се запрашав, што би направил мој сограѓанин кој живее со минимална или просечна плата? Дали тој има избор кога здравјето ќе му биде загрозено?

Роден сум и голем дел од животот го поминав во СФРЈ, во систем во кој здравствената заштита беше достапна за секого. Не се навраќам на минатото од носталгија, туку поставувам едноставно прашање, зошто денес не можеме да изградиме систем во кој квалитетното лекување нема да зависи од дебелината на паричникот?

Често на улица среќавам луѓе со аптекарски кесички во рацете. Кога ќе слушнам дека значителен дел од месечниот приход им оди за лекови, па некои дури и сами ја намалуваат терапијата затоа што финансиски не можат да ја издржат, чувството е болно.

Здравјето не смее да биде привилегија на оној што може да плати. Здрав човек е основа на здраво семејство, здраво општество и, на крајот, здрава држава. Ако еден граѓанин мора да избира меѓу лекот и храната, тогаш како општество некаде сме згрешиле.

Третата тема е економијата.

Во соседна Србија студентското движење победи на изборите и веќе започна конституирањето на новото Собрание. Во политичката расправа слушнавме многу тешки зборови за претходните четиринаесет години, но мене ме замисли една изјава на поранешниот претседател Александар Вучиќ, дека зад себе оставаат чисти средства во буџетот од околу четири милијарди евра.

Истиот момент си го поставив прашањето: кога Македонија ќе дојде до точка во која смената на власта нема да значи прашање кој колкав долг оставил, туку колку силна државна каса му остава на наследникот?

Буџетот не го полнат политичките партии. Го полни стопанството. Силно, конкурентно и домашно стопанство создава стабилен буџет, работни места, повисоки плати и перспектива за младите. Токму затоа мораме сериозно да го преиспитаме нашиот економски модел. Со години наназад голема надеж полагаме во технолошко-индустриските развојни зони, а тоа е голема грешка. Тие донесоа инвестиции и работни места и тоа не треба да се негира. Но, инвеститорите во зоните истовремено користат значајни даночни и други олеснувања, а тоа се ослободување од данокот на добивка и персонален данок во определен период, поволности за земјиште, инфраструктура и други форми на државна помош.

Нема ништо спорно во тоа Македонија да се бори за странски инвестиции. Спорно е ако поверуваме дека странската инвестиција сама по себе може да биде замена за силно домашно стопанство.

 

Не може и не треба да биде.

Една држава не се развива само така што ќе создава услови некој да дојде во неа. Таа се развива кога создава услови нејзините сопствени граѓани да останат, да создаваат, да инвестираат и да успеваат во сопствената држава.

Затоа, мојата порака до сите политички партии во Македонија е едноставна: посветете се на стопанството, не само пред избори и не само на говорите!

Без силно и квалитетно стопанство нема да го задржиме младиот човек во Македонија. Без домашни компании кои растат, извезуваат и создаваат вредност, секогаш ќе зависиме од задолжувања и од туѓ капитал. Држава, која постојано ја финансира својата сегашност со нов долг, постепено ја троши иднината на генерациите што допрва доаѓаат.

Затоа, престанете да сеете меѓусебна и политичка омраза. Во таа војна не страдаат само партиите туку и луѓето кои немаат партиска книшка, но имаат знаење, искуство, карактер и искрена желба Македонија да успее.

Не сум единствениот кој бил погоден од партиските кујни. Предолго во оваа држава знаењето, искуството и личниот интегритет знаат да бидат помалку вредни од партиската послушност.

Држава не се гради со плакатолепачи. Се гради со образовани, способни, искусни и карактерни луѓе.

Токму тука се спојуваат трите теми за кои денес пишувам. Ако не ги почитуваме оние што ни ја оставиле слободата, ја губиме меморијата. Ако не можеме да му обезбедиме достоинствено лекување на човекот, ја губиме човечноста. Ако не создадеме силно стопанство и перспектива за младите, ја губиме иднината.

Народ без меморија, здравје и иднина не може да изгради силна држава.

Никој однадвор нема да ја направи Македонија онаква каква што сакаме да биде. Светот ќе ги следи сопствените интереси. Наша должност е конечно да почнеме да ги следиме нашите. Крајно време е да престанеме да чекаме некој друг да ни ја креира иднината, да престанеме меѓусебно да се делиме додека земјата ни се празни.

Да ја почитуваме жртвата на оние пред нас, да го чуваме достоинството на оние што живеат денес и да создадеме причина младите утре да останат тука.

Така се чува државата. За мене, тоа е вистинска држава.

Време е сами да ја креираме сопствената иднина токму во сегашноста, во чии пазуви се чува и почитува минатото.

Back to top button
Close